• четврток, 26 декември 2024

Кинескиот премиер е во прва посета на Австралија по седум години

Кинескиот премиер е во прва посета на Австралија по седум години

Аделаида, 16 јуни 2024 (МИА) - Кинескиот премиер Ли Кианг, кој е во посета на Австралија, се фокусираше на позитивните аспекти на билатералните односи, пренесоа светските агенции. Ли Кианг вчера вечерта пристигна во Аделаида, главниот град на државата Јужна Австралија. Таа произведува најмногу австралиско вино увезено во Кина.

Ли ја посети локалната зоолошка градина, која до ноември минатата година беше дом на две кинески џиновски панди речиси 15 години. Во ноември минатата година се вратија во татковината. Сега Ли вети уште две панди во зоолошката градина.

-Односите меѓу Кина и Австралија се вратија на вистинскиот пат по период на подеми и падови и сега носат опипливи придобивки за народите на двете земји, рече Ли.

Ова е прва посета на кинески премиер во последните седум години. Тоа е одговор на посетата на австралискиот премиер Ентони Албанезе на Кина, која се одржа во ноември минатата година. Посетата тогаш беше и прва на австралиски премиер на Кина од 2016 година.

-Историјата покажа дека меѓусебното почитување, барањето разбирање, надминувањето на разликите и стремежот за заемно корисна соработка се драгоцени искуства во растечките кинеско-австралиски односи, рече Ли, додавајќи дека овие напори треба да се поддржат и да означат уште поголем напредок.

Австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг рече дека посетата на Ли е резултат на двегодишната работа на австралиската влада за стабилизирање на билатералните врски и отстранување на бариерите за трговијата.

Ли утре ќе ја посети Канбера, како и фабрика за преработка на литиум контролирана од Кина во државата западна Австралија богата со ресурси во вторник.

Австралискиот премиер Албанезе рече дека ќе го покрене со Ли прашањето за неодамнешните инциденти меѓу војските на двете земји во Јужното Кинеско и Жолтото Море.

По Австралија, Ли ќе ја посети Малезија, а претходно беше во Нов Зеланд. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан