• четврток, 26 декември 2024

Ким Џонг Ун ја повика војската да одговори на сите провокации на непријателот

Ким Џонг Ун ја повика војската да одговори на сите провокации на непријателот

Пјонгјанг, 1 декември 2023 (МИА) - Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун ја повика севернокорејската армија да биде подготвена да одговори на секоја провокација од непријателот, објавија денеска севернокорејските државни медиуми, откако Пјонгјанг соопшти дека ќе распореди посилни вооружени сили и ново оружје долж границата со Јужна Кореја.

Ким, за време на вчерашната посета на командата на воздухопловните сили на Северна Кореја на Денот на воздухопловните сили, претстави насоки за подобрување на борбените способности на војската, објави новинската агенција КЦНА.

Ким наведе оперативни и тактички мерки за да се спротивстави на, како што рече, „секаква воена провокација и закана од непријателот веднаш и насилно“, пренесува КЦНА.

Севернокорејскиот лидер потоа присуствуваше на демонстрациски лет на воздухопловните сили. Ким ги пофали воздухопловните сили за, како што рече, „целосната подготвеност за извршување на борбената мисија“ под сите услови. 

Тензиите на Корејскиот Полуостров се зголемија откако Северна Кореја лансираше воен сателит во орбитата минатиот месец, што ја натера Јужна Кореја да ја суспендира клучната клаузула од меѓукорејскиот воен договор од 2018 година. Пјонгјанг оттогаш објави дека повеќе не е обврзан со договорот. САД и сојузниците остро го осудија лансирањето на првиот воен сателит на Северна Кореја во орбитата како кршење на резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации. Пјонгјанг, сепак, најави дека ќе лансира уште воени сателити. Вчера САД воведоа нови санкции кон Северна Кореја поради нејзиното лансирање сателит. Јужна Кореја исто така воведе санкции кон Северна Кореја. ссм/

фото: архива

Остани поврзан