• среда, 25 декември 2024

Ким Џонг Ун ја заврши еднонеделната посета на Русија, замина во Северна Кореја со воз

Ким Џонг Ун ја заврши еднонеделната посета на Русија, замина во Северна Кореја со воз

Москва, 17 септември 2023 (МИА) - Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун денеска ја заврши еднонеделната посета на Русија за време на која разговараше со претседателот Владимир Путин за поблиска воена и други видови соработка, објавија севернокорејските и руските медиуми.

Ким си замина со воз од далечноисточниот руски град Артјом, кој е 254 километри од станицата Хасан на руската граница со Северна Кореја.

Посетата на Русија на севернокорејскиот лидер, кој ретко ја напушта својата земја, означува „нов врв на пријателство, солидарност и соработка во историјата на развојот на односите меѓу Северна Кореја и Русија“, објави севернокорејската државна новинска агенција КЦНА.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва сака да развие „рамноправна и фер соработка“ со Северна Кореја и покрај санкциите наметнати на Пјонгјанг од страна на Советот за безбедност на ОН.

„Ние не воведовме санкции за Северна Кореја, Советот за безбедност го направи тоа. Затоа, контактирајте го Советот за безбедност и ќе развиеме рамноправна и правична соработка со Северна Кореја“, рече Лавров во интервју за државната телевизија, чии делови беа објавени во медиумите денеска.

Кремљ најави дека се придржува до санкциите на ОН, но во исто време има право да развива добрососедски односи, кои ги вклучуваат и оние поврзани со чувствителни теми.

Соединетите Американски Држави и сојузниците се загрижени за затоплувањето на воените врски меѓу двете соседни земји, додека Русија ја продолжува својата инвазија на Украина, а Северна Кореја, изолирана комунистичка држава, продолжува да развива нуклеарни проектили и планови. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан