Ким повторно избран за генерален секретар на владејачката партија на Северна Кореја
- Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун е повторно избран за генерален секретар на партијата на деветтиот конгрес на Работничката партија на Кореја, објавија денеска севернокорејските медиуми.
Сеул, 23 февруари 2026 (МИА) - Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун е повторно избран за генерален секретар на партијата на деветтиот конгрес на Работничката партија на Кореја, објавија денеска севернокорејските медиуми.
Ким, кој првпат ја доби титулата на осмиот конгрес на партијата во 2021 година, беше повторно избран вчера „во согласност со непоколебливата волја и едногласната желба на сите делегати, милиони членови на партијата, сите луѓе и припадници на Народната армија“, соопштија медиумите.
Титулата го става на врвот на владејачката Работничка партија во земјата.
Ким е трет во династијата владетели на земјата по татко му Ким Џонг-ил и дедото Ким Ил-сунг, кој ја држеше и титулата генерален секретар на партијата.
По смртта на татко му кон крајот на 2011 година, Ким Џонг-ун бргу беше прогласен за врховен водач на севернокорејската војска, партијата и државата.
На седмиот партиски конгрес пред 10 години тој беше избран за претседател на партијата.
На почетокот на партискиот конгрес, кој традиционално се одржува на секои пет години, Ким рече дека во тој период земјата ги надминала тешкотиите и претрпела фундаментални промени.
Медиумите денеска го цитираа конгресот, како што вели, дека под власта на Ким „одвраќањето на земјата од војна со нуклеарните сили како нејзин стожер е радикално подобрено“.
На конгресот присуствуваат речиси 5.000 партиски кадри. Досега државните медиуми објавија малку информации за идниот курс за земјата, кој беше одлучен на партискиот конгрес.
Се очекува Ким да даде и можни индикации за проширување на програмата за нуклеарно оружје на Пјонгјанг.
Набљудувачите исто така бараат сигнал од Ким за подготвеност да се вклучи во дијалог со американскиот претседател Доналд Трамп и јужнокорејскиот претседател Ли Џе-мјунг. мс/јт/
фото: ДПА