• сабота, 23 ноември 2024

Квинта и НАТО се против отворањето на мостот во Митровица

Квинта и НАТО се против отворањето на мостот во Митровица

Приштина, 1 август 2024 (МИА) – Амбасадорот на САД во Косово, Џефри Ховениер, изјави дека земјите од таканаречената група Квинта, во консултација со НАТО во моментов не поддржуваат никаква промена на сегашниот статус на мостот на реката Ибар , кој ги поврзува двата дела на поделениот град Митровица - јужниот населен со мнозинсство Албанци и северниот населен со мнозинство Срби, јави дописникот на МИА од Приштина.

Изјавата Ховениер ја даде по денешната средба на амбасадорите на Квинта и на ЕУ во Приштина со косовскиот премиер, Албин Курти, одбивајќи да одговори на прашањето кои се причините за таквиот однос на меѓународниците во однос на мостот во Митровица.

- Ние, претставниците на Франција, Германија, Италија, Велика Британија, САД, заедно со амбасадорот на ЕУ во Приштина, се сретнавме со премиерот Курти за да го информираме дека нашите влади во консултација со НАТО не можат да поддржат каква било промена на сегашниот статус на мостот во Митровица, рече Ховениер.

Средбата на западните амбасадори со Курти доаѓа по најавите на Владата во Приштина за отворање на мостот и за возила, освен за пешаци, како што сега функционира.

Официјални претставници на Европската унија вчера повторија дека евентуалното отворање на мостот на Ибар за сообраќај на возила треба да биде прашање за кое ќе се разговара во рамките на дијалогот меѓу Косово и Србија.

На тоа реагираше претседателката на Косово, Вјоса Османи, која изјави дека прашањето за мостот на Ибар никако не треба да биде тема на дијалог со Србија, оценувајќи дека со тоа би се нарушил суверенитетот, територијалниот интегритет и уставноста на Косово и дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ „нема зошто да се прашува кога ќе се отворат мостовите за сообраќај во Република Косово“.

Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, вчера порача дека „избегнувањето еднострани дејствија претставува обврска за страните“ во дијалогот.

Иако косовската Влада го оквалификува како апсурдно поврзувањето на укинувањето на санкциите од ЕУ со ова прашање, медиумите јавуваат дека постои двоумење за укинување на санкциите поради мостот на Ибар.

Работите за ревитализација на мостот во Митровица, што беа финансирани од ЕУ, се завршени веќе неколку години, но тој никогаш не е отворен за автомобилски сообраќај.иа/сд/

 

Остани поврзан