• среда, 27 ноември 2024

КВИНТА, ЕУ и ОБСЕ со критики до косовската Влада за експропријациите на север

КВИНТА, ЕУ и ОБСЕ со критики до косовската Влада за експропријациите на север

Приштина, 6 јуни 2024 (МИА) - Државите од таканаречената група КВИНТА, која ја сочинуваат САД, Германија, Франција, Велика Британија и Италија, заедно со Европската Унија и ОБСЕ, ја повикаа Владата на Косово да се придржува до владеењето на правото и да ја потврди својата посветеност за заштита на правата на немнозинските заедници, јави дописникот на МИА од Приштина.

Мисиите на КВИНТА, ЕУ и ОБСЕ во Косово и реагираа на Владата на Албин Курти, откако таа донесе одлука дел од недвижен имот во општините Лепосавиќ и Зубин-Поток во северно Косово, населено со мнозинско српско населеное, да биде експроприран за јавен интерес.

Според нив, Владата не ги послушала меѓународните експерти и го прекршила законот.

-Некои од нашите мисии претходно споделија со Владата оценки од меѓународни правни експерти, вклучително и од ЕУЛЕКС, давајќи индикации дека Владата ги прекршила сопствените закони и прописи поради процедурални и технички недостатоци за време на процесот на експропријација. Напоменуваме дека косовскиот судски систем идентификува слични правни проблеми со прелиминарната одлука за експропријација, кои Владата сè уште не ги адресирала, се вели во нивното соопштение.

Мисиите изразија жалење што Владата не чекала да завршат сите отворени судски постапки пред да донесе одлука за експропријација.

-Од суштинско значење е Владата да се стреми да обезбеди активностите за експропријација да се усогласат со законот, да се следи соодветен процес и целосно да се почитуваат имотните права на сопствениците и засегнатите страни, се вели во соопштението.

Амбасадите на земјите од КВИНТА, канцеларијата на ЕУ и ОБСЕ велат дека секој одделно ја изразиле нивната загриженост до Владата дека предлог-законот за експропријација не е во согласност со планот на Ахтисари и дека ја охрабриле да го промени пред да го усвои.

Владата на Косово го започна процесот на експропријација во двете северни општини во 2023 година. Со прелиминарната одлука, тогаш планираната вкупна површина на експропријација изнесуваше околу 104 хектари во Лепосавиќ и 33 хектари во Зубин-Поток. Подоцна, во одлуката на Владата од 30 мај годинава, беше наведено дека во Лепосавиќ ќе се експроприраат 96 хектари. мс/

 

Остани поврзан