• недела, 24 ноември 2024

„Кајмак“ претставен на Сараевскиот филмски фестивал

„Кајмак“ претставен на Сараевскиот филмски фестивал

Скопје, 18 август 2023 (МИА) - Екипата на „Кајмак“, заедно со режисерот Милчо Манчевски, актерите Ана Стојановска,  Филип Трајковиќ и продуцентот Јане Ќортошев, синоќа се појавија на црвениот килим на Сараевскиот филмски фестивал, пред проекцијата во програмата Open Air во која на отворено се прикажуваа хитовите на годината. Нивното присуство на фестивалот беше по повод проекцијата на филмот „Кајмак“ кој ќе продолжи да се емитува во кината низ Босна и Херцеговина.

„Кајмак“ беше најгледан филм во Северна Македонија минатата година.

- Со „Кајмак“ го омрсивме Сараево. Убаво е кога некој ви ја цени работата, трудот и уметноста, изјави Манчевски за Босанските медиуми.

Присуство на Милчо Манчевски на фестивалите предизвика голем интерес кај медиумите, со што беше ангажиран за три големи интервјуа за Радио БиХ, Танјуг и телевизијата Н1. Како гостин на Фестивалот, Манчевски доби и почесно место на вечерата со годинешните лауреати, шкотската режисерка Лин Ремзи и американскиот оскаровец сценаристот Чарли Кауфман.

„Кајмак” е еден од македонските филмови кои имаат најширок пласман во светот. Иако македонски, филмот е со повеќе од 50 отсто финансиран од странски државни фондови. Тој е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, Карибите - од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија, од Парагвај и Хаити до Суринам, Гвајана, Ст. Китс и Невис, а понатамошниот процес на неговиот пласман е во тек. Во јуни „Кајмак“ ја имаше и данската премиера во Копенхаген. 

Филмот имаше светска премиера на фестивалот во Токио (А-категорија), потоа продолжи со фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија и други, каде што беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и бројни написи во локалните медиуми. Ја освои Специјалната награда на жирито на „Фантаспорто“ во Португалија, а Сара Климоска беше прогласена за најдобра актерка на фестивалот во Сомбор во Србија.

На филмот му следува американска премиера, најавена за 23 август на 33-то издание на Синеквест во Калифорнија. До крајот на август и почетокот на септември, „Кајмак“ ќе биде прикажан на уште четири европски фестивали.

Во оваа македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж главните улоги ги толкуваат: Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Ана Стојановска, Сара Спировска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски. Директор на фотографија е Данецот Улрик Боел Бенцен, монтажер Холанѓанецот Емил Нуненга, музиката е на Данскиот гудачки квартет и на Игор Василев-Новоградска, дизајнер на продукцијата е Британецот Дејвид Манс, дизајнер на шминка Италијанецот Марио Микисанти, а кастинг директор е нашата Милка Анчевска. Продуцент е Јане Ќортошев, а копродуценти Мета Фолдагер, Мете Борч, Синиша Јуричиќ и Елс Вандеворст. Извршен продуцент е Ијан Прајор. сан/нд/

Остани поврзан