• недела, 24 ноември 2024

„Кајмак“ награден и во Калифорнија, наскоро ќе го гледаат и Австралијците

„Кајмак“ награден и во Калифорнија, наскоро ќе го гледаат и Австралијците

Скопје, 1 септември 2023 (МИА) - „Кајмак” на македонскиот режисер Милчо Манчевски ја освои наградата за најдобар филм на фестивалот „Синеквест“ во Калифорнија, САД, каде ја имаше и американската премиера. Светскиот продажен агент „Левел К“ од Копенхаген го пласираше „Кајмак“ и во Австралија, каде наскоро ќе почне прикажувањето, соопштија денеска од „Банана филм“.

- „Синеквест“, чие 33. издание заврши синоќа, е еден од најголемите и најреномирани независни фестивали на американскиот континент, а специфичен е по програмата што поддржува иновативни уметнички дела. Се одржува во Сан Хозе и Редвуд Сити во Силиконската Долина. Ова е втора награда за три дена за „Кајмак“, откако претходно освои специјално признание на жирито ФЕДЕОРА - Федерација на филмски критичари од Европа и Медитеранот, на фестивалот во Херцег Нови, Црна Гора, пишува во соопштението.

Овој месец „Кајмак“ ќе биде прикажан на уште три фестивали: „i-Fest“ во Калабрија, Италија, каде ќе бидe прикажанa и ретроспектива на опусот на Манчевски, „Балкан панорама“ во Измир, Турција, и „Avant&Una“ во Бихаќ, Босна и Херцеговина.

- Две награди за три дена. Не е лошо за филм што нашата Агенција за филм го блокира, забранува и одбива да го исплати, се наведува во пишаната изјава на Манчевски.

„Кајмак“ е македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од „Еуримаж“. Ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио - А-категорија, потоа продолжи со фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија и така натаму. Филмот ја освои и специјалната награда на жирито на „Фантаспорто“ во Португалија, а Сара Климоска беше прогласена за најдобра актерка на фестивалот во Сомбор, Србија. Филмот во јуни ја имаше и данската премиера во Копенхаген.

Од „Банана филм“ потсетуваат дека „Кајмак“ лани беше најгледан филм во Македонија.

- Агенцијата за филм сè уште ги блокира двата проекти на Манчевски, „Кајмак“ и „Збогум, Копакабано!“ - работен наслов „Биста“, спротивно на одлуката на судот и на правното мислење на Министерството за култура. Јавна поддршка за Манчевски изразија Филмскиот фестивал во Венеција, ФИПРЕСЦИ - Федерацијата на здруженија на филмски критичари, Транспаренси интернешнл и Whistleblowing International, се додава во соопштението. бд/са/

Фото: „Банана филм“

Остани поврзан