• недела, 24 ноември 2024

Кајакарите од Струга по четврти пат испратија порака за поддршка на лицата со ретки болести

Кајакарите од Струга по четврти пат испратија порака за поддршка на лицата со ретки болести

Струга, 13 септември 2023 (МИА) - Традиционално по четврти пат денеска од водите на Охридското Езеро беше испратена пораката за поддршка на лицата со ретки болести преку веслачкиот маратон „Весламе за ретките“ .

Дваесеттина кајакари веслаа по левиот брег на Охридското Езеро од Струга до селото Радожда во должина од околу 30 километри во организација на хотел „Боград“ и спортско рекреативниот клуб „Соларис“.

За разлика од претходните години кога манифестацијата се одржуваше во водите на реката Црн Дрим и Глобочичко Езеро, годинава се одржа во Охридското Езеро, но пораката, според Коста Хиохи од спортскиот клуб „Соларис“, е иста; да го дигнеме гласот за лицата со ретки болести.

- Сакаме да покажеме и докажеме дека тие лица постојат во нашата држава и дека го немаат потребниот третман за справување со предизвиците од нивните болести. Најпрво се соочуваат со тешкотии околу дијагностицирањето на нивните болести, а врз основа на тоа не се одредува и точна терапија. Потоа се соочуваат и со многу предизвици во нашето општество, од немање лекови, интерес од институциите, па се до нивна инклузија во општеството, истакна Хиохи.

Настанот има поддршка и од бизнис заедницата, а според бизнисменот Шериф Кадриоски, целта е подигање на јавната свест кај сите нас за лицата со ретки болести, кои, според него, претходно биле запоставени и од средината, и од околината, и од целиот систем.

- Последните четири-пет години сведоци сме дека во тој дел има напредок благодарение на неколку здруженија и семејствата кои имаат пациенти со ретки болести, но и од оние кои немале можност да се сретнат со вакви случаи да можат да се доближат и да се вклучат во секојдневниот нивен живот соочени со предизвиците што ги носи денешното време, рече Кадриоски.

Семејствата на лица со ретки болести велат дека најголем проблем со кој се соочуваат е пред се дијагностицирањето на болеста, а потоа и нивното нормално функционирање. сс/сх/

Фото МИА

Остани поврзан