Кац: Израелската војска ќе продолжи со нападите сè додека заложниците не бидат ослободени
- Израелската армија денеска соопшти дека ќе продолжи со нападите врз Хамас и палестински исламски џихад во Појасот Газа, додека министерот за одбрана на земјата Израел Кац рече дека Хамас „мора да сфати дека нападите ќе станат сè посилни доколку заложниците не бидат ослободени“.

Газа, 18 март 2025 (МИА) – Израелската армија денеска соопшти дека ќе продолжи со нападите врз Хамас и палестински исламски џихад во Појасот Газа, додека министерот за одбрана на земјата Израел Кац рече дека Хамас „мора да сфати дека нападите ќе станат сè посилни доколку заложниците не бидат ослободени“.
Војската соопшти дека за време на последните напади таргетирала „терористички цели“, вклучително и ќелии, локации за лансирање ракети, складишта за оружје и друго, пишува „Тајмс оф Израел“.
Во израелските напади врз Појасот Газа во текот на ноќта меѓу понеделникот и вторникот загинаа најмалку 413 Палестинци, а ранети се најмалку 660.
Палестинското Министерство за здравство соопшти дека очекува бројот на жртвите да се зголеми поради големиот број жртви под урнатините.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нареди нови напади врз енклавата откако Хамас ги отфрли израелските барања за промена на договорот за прекин на огнот.
Израелските власти соопштија дека се очекува операцијата да се прошири, а Белата куќа изрази поддршка за акциите на Израел. Голем број земји ширум светот го осудија нападот, вклучувајќи ги Кина, Русија, Иран, Белгија и Малта. јт/
Фото: ЕПА