• среда, 18 декември 2024

Кацарска: За Законот за солидарен данок има повеќе иницијативи, не очекувам да се разгледа до крајот на годината

Кацарска: За Законот за солидарен данок има повеќе иницијативи, не очекувам да се разгледа до крајот на годината

Скопје, 22 ноември 2023 (МИА) - За Законот за солидарен данок има повеќе иницијативи пред Уставниот суд и тие се работат, изјави претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, посочувајќи дека таа не е оптимист дека ќе се најдат на седница пред уставните судии до крајот на годината. 

Прашана до каде е постапката по иницијативте во врска со солидарниот данок и дали се очекува пред нова година да се најде на дневен ред пред уставните судии, Кацарска рече дека предметот се работи.

- Тој предмет се работи, се уште не е готов и не очекувам да биде до крајот на годината. Можеби тимот што работи на предметот ќе успее да го подготви рефератот, но јас до денес немам видено реферат. Со оглед на тоа што се уште пристигнуваат такви иницијативи, навистина не сум таков оптимист дека до крајот на годината можеме да го решиме тој предмет, одговори Кацарска.

Во меѓувреме, секој еден кој што треба да постапи овој закон, според Кацарска ќе мора да го почитува.

- Тоа е и уставна должност на секој граѓанин. Тие треба да го платат овој данок, доколку Уставниот суд одлучи поинаку, тогаш ќе дискутираме кои се следните чекори на тие фирми. И битно е дали, при поведувањето на постапка дали Уставниот суд би го укинал тој закон или би го поништил, така да има разлика, не би можела да ви кажам што би се случувало, додека судот не се произнесе конечно, рече Кацарска.  

Прашана до каде е иницијативата за оценување на уставноста на последните измени на Кривичниот законик, Кацарска изјави дека не работи по тој предмет и не може да каже точен рок кога би бил готов предметот.

Таа беше прашана и за извештајот на Европската комисија, што констатираше дека нема напредок во борбата со корупцијата и правосудството, „во центарот покрај судскиот совет се најдоа и измените на кривичниот законик, вие имате и предмет иницијатива до уставниот суд, до каде е и како го коментирате“.

- Секој предмет кога ќе стигне во Уставниот суд, т.е. секоја иницијатива се распоредува кај судија и кај советник на судот, и нормално тоа е постапка која трае, бидејќи се прибавува мислење од доносителот на актот и слично и тој предмет се работи, но до денес мене тој предмет не ми е даден за да биде ставен на седница, одговори таа. бд/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан