• четврток, 26 декември 2024

Кацаров: Размислување за воведување „локдаун“ во Бугарија поради Ковид-19

Кацаров: Размислување за воведување „локдаун“ во Бугарија поради Ковид-19

Софија, 31 октомври 2021 (МИА) - Министерот за здравство на Бугарија Стојчо Кацаров денеска изјави за бТВ дека воведувањето „локдаун“ е опција која „со сигурност“ се разгледува.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Кацаров појасни дека нема конкретен број за болните што ќе се земе предвид за ваквата одлука, а ќе биде врз основа на оценката на целата популација, тенденциите и преоптовареноста на болниците во Бугарија.

Тој истакна дека Бугарија, според сегашните податоци на заразеност, требало да биде затворена, но тоа било избегнато поради воведувањето на зелените сертификати. Според него, доколку луѓето ги почитуваат мерките и се вакцинираат, постои можност да се избегне затворањето. Aĸo сегашните противепидемиски мерки не дадат резултат и дојде до преоптоварување на болниците, тоа е последната можност пред бугарските здравствени власти да се наложи целосна блокада на секаква општествена и стопанска дејност за да се спречи ширењето на коронавирусот. Според Кацаров, ова е најтешкиот бран на коронавирус во Бугарија во период од 19 месеци по неговото појавување, а бројот на жртви е за 25 отсто повеќе отколку во претходните бранови. Министерот смета дека здравствениот систем во моментов функционира подобро, бројот на хоспитализации е помал од претходно, но состојбата во одделенијата за интензивна нега е критична. нк/паг/

Остани поврзан