• сабота, 23 ноември 2024

Кауцијата неодобрена - Диди останува во притвор

Кауцијата неодобрена - Диди останува во притвор

Њујорк, 18 септември 2024 (МИА) - Раперот, продуцент и претприемач Шон „Диди“ Комбс ќе остане во притвор откако судијата не одобри кауција. Рап-ѕвездата се соочува со обвиненија за организирана секс-трговија, подведување и перење пари, како и бројни други обвиненија поврзани со настани од 2009 година досега.

Комбс (54) се изјасни невин по приведувањето и одредена му е мерка притвор додека трае судењето. Тој беше уапсен во Њујорк завчера. Обвинет е по три точки за сексуална злоупотреба на жени и принудување на учество во секс забави, на користење дрога, со закани и насилство.

Во Судот во њујоршката општина Менхетен, во присуство на членови на семејството кои дојдоа да го поддржат познатиот музичар, неговиот адвокат побара ослободување со кауција од судијката Робин Тарнофски.

Барањето е одбиено со објаснување дека постои загриженост за „неурамнотежена моќ“ во случајот каде што се вклучени луѓе може да бидат „подложни на принуда“, нагласи Тарнофски.

Таа, исто така, ја наведе неговата наводна склоност кон гнев, насилство и злоупотреба на супстанции, како можна опасност. Адвокатот на Комбс, Марк Агнифило рече дека ќе поднесе жалба.

Демијан Вилијамс, американски адвокат од Њујорк, рече дека истрагата е во тек, но Комбс е единственото обвинето лице досега. Според обвиненијата, Комбс наводно учествувал во континуирано вербално, емоционално, физичко и сексуално злоставување жени.

И покрај неговите напори да негува имиџ на деловен моќник, големиот број тужби го прикажуваат Комбс како насилник кон жените. Лавината обвинувања уследи откако пејачката Кеси, со вистинско име Касандра Вентура, минатата година тврдеше дека Комбс ја подложувал на физичко насилство и дрога повеќе од 10 години, а и ја силувал во 2018 година.

Тие двајца се запознале кога Вентура имала 19, а Комбс 37, по што таа потпишала договор со неговата издавачка куќа и почнале да излегуваат. Обвинението беше решено вонсудски, но тоа повлече низа други тужби за сексуални напади. Меѓу наведените случаи е и оној од декември, каде што жена тврди дека Комбс и други групно ја силувале кога таа имала 17 години.  си/ссм/

Фото: МИА архива

Остани поврзан