• четврток, 19 декември 2024

„Катимерини“: Посетата на Дендиас на Скопје со цел затоплување на односите со Северна Македонија

„Катимерини“: Посетата на Дендиас на Скопје со цел затоплување на односите со Северна Македонија
Атина, 31 август 2021 (МИА) – Денешната посета на Скопје на министерот за надворешни работи Никос Дендиас, по поканата од неговиот колега Бујар Османи, меѓу другото, има за цел и брзо затоплување на односите со Северна Македонија, пишува грчкиот весник „Катимерини“, јави дописничката на МИА од Атина. Во текстот под наслов „Затоплување на односите со Северна Македонија – Дендиас во Скопје“, искусниот новинар коментира дека средбите на шефот на грчката дипломатија се во период кога „Турција се обидува да покаже блага моќ на Западен Балкан“, но и споменува дека истовремено, Меморандумите за соработка со Северна Македонија, се уште чекаат ратификација во грчкиот Парламент. -Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган во последниве денови имаше кратка турнеја во регионот, додека владите на Анкара и Скопје постигнаа договор за соработка во одбраната што предизвика загриженост во Атина. Секако, во исто време, остануваат во грчкиот Парламент протоколите за спроведување на Договорот од Преспа, кои вклучуваат соработка во одбраната, пишува „Катимерини“. Потсетува дека по членството на Северна Македонија во НАТО, Грција, преку надзорот на воздушниот простор со Ф-16 од грчкото воено воздухопловство, „беше прва земја што брзо се активираше“. Новинарот, на крајот од текстот додава дека посетата на Дендиас на Скопје е за време на предизборниот период во Северна Македонија за локалните избори во октомври, а „Владата на Заев се соочува со сериозни тешкотии наспроти кандидатите поддржани од националистичката ВМРО-ДПМНЕ“, а премиерот Заев „индиректно, но јасно, промовира добри односи со земјите од ЕУ и НАТО како изборен аргумент“. ср/ац/

Остани поврзан