• среда, 25 декември 2024

Каталонскиот социјалист Салвадор Ила побара итна примена на законот за амнестија

Каталонскиот социјалист Салвадор Ила побара итна примена на законот за амнестија

Барселона, 8 август 2024 (МИА) - Кандидатот на социјалистите за нов претседател на Каталонија, Салвадор Ила, денеска во говор во регионалниот парламент побара да се спроведе законот за амнестија на каталонските сепаратисти без изговори и одложувања, истовремено поздравувајќи го циклусот промени во Каталонија. 

Во говорот кој траеше 40 минути, Ила нагласи дека Каталонија мора да ја потврди својата волја за постоење, како и да коегзистира со каталонската култура како основа на нацијата, пренесува „Eл Паис“.

„Отворена, плуралистичка и поинаква нација, која е вклучена во изградбата на плурнационална Шпанија и федерална Европа, и која влијае и учествува колку што може преку нејзините релевантни институционални процедури“, рече Ила за целите на Каталонија.

Тој повтори дека целта е целосно почитување на двата договори постигнати со Републиканската левица (РКЕ). Во својот говор, Ила се фокусираше на практични теми за подобрување на јавните услуги, како што се образованието, здравството, заштитата на животната средина, кои беа основата на неговата кампања.

Тој зборуваше и за нов предлог за посебен модел на финансирање што потенцијално ќе му овозможи на регионот да ги задржи сите даночни приходи, нагласувајќи дека тоа е неопходен чекор кон самоуправување што не го загрозува принципот на солидарност.

Денеска беше одбележано и враќањето на поранешниот сепаратистички лидер и каталонски претседател Карлес Пуџдемон во Шпанија. Пуџдемон ризикува да биде уапсен затоа што, и покрај законот за амнестија, налогот за негово апсење сè уште е во сила поради обвиненијата за проневера за време на неговиот мандат како каталонски претседател. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан