• недела, 24 ноември 2024

Каспаров: За нападот со дрон врз Кремљ одговорна е Украина, но таа има право на тоа

Каспаров: За нападот со дрон врз Кремљ одговорна  е Украина, но таа има право на тоа

Минхен, 5 мај 2023 (МИА) - Поранешниот светски шампион во шах, Гари Каспаров, не верува дека руските разузнавачки служби се одговорни за нападот со дронот врз Кремљ од пред три дена, и притоа ја обвини Украина за нападот, но, додаде, дека смета дека е оправдано Киев да нападне цел на руска територија бидејќи има право да возврати. 

Остриот критичар на Кремљ, Каспаров за германската агенција ДПА изјави дека „лесно може да замисли како КГБ организира лажни настани“ за да предизвика гнев кај јавноста, но тој смета дека Кремљ е погрешната цел. 

„Поверојатно е дека Украинците испраќаат порака дека можат да стигнат до Москва пред Денот на победата над нацизмот, на 9 мај, кога се одржува воена парада во руската престолнина“, смета Каспаров.

-Мислам дека тоа ќе направи многу руски функционери нервозни, кажа Каспаров.

„Тоа е на Црвениот плоштад и мислам дека сигурно ќе направи многу руски функционери, особено војската, многу нервозни“, кажа тој. 

Поранешниот светски шампион, а сега опозициски политичар,  додаде дека нема инсајдерски информации, туку може само да анализира од тоа што се известува за  инцидентот.

Во интервју дадено во Гмунд, јужно од Минхен, каде доби награда за слобода на медиумите, Каспаров рече дека не може да разбере зошто Западот го условува испраќањето оружје во Украина со тоа да не се користи за напади на руска територија.

-Ако е војна, тоа е војна. И ако Украина е цел на руски ракети од соседните региони, мислам дека тие имаат право да возвратат, рече тој, додавајќи дека Украинците се обидуваат да избегнат цивилни жртви, за разлика од Русите.

Каспаров очекува Украина на крајот да ги добие западните борбени авиони бидејќи по долги одолговлекувања беше донесена и одлуката за испраќање тенкови.

-Мислам дека и авионите ќе пристигнат, но тоа се случува болно бавно и разбирам зошто Украинците се толку загрижени, рече Каспаров во интервјуто. сд/

Остани поврзан