• среда, 18 декември 2024

Каселакис нов лидер на СИРИЗА

Каселакис нов лидер на СИРИЗА

Атина, 24 септември 2023 (МИА) – Со преброeни 75 проценти од гласовите, Стефанос Каселакис со 56,69 отсто е победник на изборите за претседател на СИРИЗА и е нов лидер на најголемата грчка опозициска партија, јави дописничката на МИА од Атина.

Бизнисменот Стефанос Каселакис, кој живее и работи во САД, а речиси во последен момент ја достави кандидатурата за лидер на СИРИЗА победи со над 13 отсто повеќе од неговата противкандидатка Ефи Ахциоглу, која  освои 43,31 отсто.

Околу 135.000 членови на СИРИЗА гласаа на денешните избори, односно во вториот круг, а поради големиот одѕив, гласањето беше продолжено за еден час, па така гласачките места затворија во 21, наместо во 20 часот.

Каселакис ќе го наследи Алексис Ципрас кој 15 години ја водеше СИРИЗА, а пред речиси три месеци си поднесе оставка.  

Новиот лидер на СИРИЗА е 35-годишен бизнисмен кој живее во САД и кандидатурата за претседател ја достави на крајот на август, речиси во последен момент и беше последниот, петти кандидат, а за разлика од неговите четворица противкандидати за лидерската позиција кои беа познати на грчката политичка сцена, станува збор за ново име и многумина во Грција коментираа дека е изненадување во трката за претседател на најголемата опозициска партија.

Преку видео порака на социјалните мрежи, Каселакис тогаш ја претстави неговата кандидатура, говорејќи отворено за неговиот живот, за неговиот партнер, порачувајќи дека „нема геј агенда, туку човечка агенда“, потенцираше дека е свесен дека нема партиско искуство, туку неговото искуство е во работата и социјалниот живот, а неговата кандидатура е „од општеството, за општеството“. ср/јт/

Остани поврзан