• сабота, 23 ноември 2024

Касами најави можност за корекција на новите комунални сметки

Касами најави можност за корекција на новите комунални сметки

Тетово, 1 април 2024 (МИА) - По големиот број поплаки на граѓаните за новите комунални сметки, денеска градоначалникот на Тетово, Биљал Касами информираше дека со компанијата Заубермахер одржал состанок за да се надминат пропустите. 

Тој најави фиксни износи за водата и канализација, додека за собирањето смет останува методологија да се плаќа по метар квадратен. 

- За шарпланинските села цената на отпадот ќе биде 340 денари, додека во Голема и Мала Речица, Порој, Џепчиште, Фалише и Сараќино цената ќе биде 540 денари. Што се однесува до цената на водата за пиење и канализацијата, цената по куќа ќе биде 320 денари, додека за оние кои живеат во стан 230 денари. За сите граѓани кои имаат повеќе од едно станбено живеалиште ќе плаќаат 50 отсто од вселивиот простор и такса од 100 денари за вода и 100 денари за јавна чистота. Оваа методологија ќе важи и за иселениците. Исто така, за сите фактури за месец февруари ќе се избрише плаќањето на вода и канализација. Граѓаните ќе треба да платат само за отпад и јавна чистота Тие што платиле вода и канализација ќе бидат во претплата, па ќе им се намали сметката наредниот месец,  информираше Касами на денешната прес-конференција.

За исправка на комуналните сметки каде што се забележани одредени пропусти, според Касами, граѓаните не мора да одат до Палчиште каде што Заубермахер има свое седиште.

- Договоривме, сите тие ситуации ќе може да се пријават и во простиите на ЈКП Тетово кај пазарот, а ќе имаме луѓе од Заубермахер и во општината каде им обезбедиме канцеларија. Нема да се наплаќа за простории кои не се станбени. Други ситуации во делот на квадратурата-се работи за податоци кои ние како општина согласно договорот со Заубермахер, сме ги зеле од Катастар. Во текот на оваа година договоривме заеднички да работиме во делот ажурирање на податоците, сè додека не дојдеме до реални податоци, истакна Касами.

Во случаи каде еден објект има повеќе сопственици, а дошле сметки за сите, еден од нив треба да се обврзе дека ќе ги плаќа.

- Еден од сопствениците ќе треба да дојде да даде изјава дека тој ќе ги покрие трошоците за тој стан. Ако сакаат да им дојде една сметка ќе треба да дојде еден од нив да даде изјава дека за целиот стан ќе ги покрива комуналните трошоци, посочи Касами.

Според него, Општина Тетово има најниска цена во државата за услугите поврзани со отпад, вода и канализација.

Од 1 февруари менаџирањето со отпад го презеде компанијата Заубермахер по пат на јавно-приватно партнерство. ас/дма/


Фото: МИА 

Остани поврзан