• сабота, 23 ноември 2024

Карван „Рамо до рамо“: Резолуцијата на Бундестагот е резултат на државничките политики на СДСМ

Карван „Рамо до рамо“: Резолуцијата на Бундестагот е резултат на државничките политики на СДСМ

Скопје, 16 јуни 2023 (МИА) - Германскиот парламент, Бундестагот, усвои Резолуција со која се потврдува македонскиот јазик, македонскиот идентитет и македонската посебност во ЕУ, со што имаме целосно заштитен и потврден македонски јазик и идентитет и преку процесот на преговори со ЕУ, изјави членот на ЦО на СДСМ, Оливер Спасовски на средба со граѓаните на Општина Илинден.

- Имаме сочна недвосмислена поддршка од сојузниците во ЕУ и од нашиот стратешки партнер САД. Сега е потребно да продолжиме со дијалогот и заедно со ДПМНЕ и со сите политички партии да ја обезбедиме европската иднина на државата, истакна Спасовски, кој средбата во рамки на карванот теренски активности на СДСМ, „Рамо до рамо, до победа“, беше придружуван од членката на ИО на партијата, Мелиса Ценовска Серафимовска.

Според Спасовски, ВМРО-ДПМНЕ нема никакво право да се фали со овој успех во Бундестагот, затоа што нивни сестрински партии гласале против Резолуцијата.

Генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ Вардарски на средба со граѓаните на Струмица изјави дека усвојувањето на Резолуцијата за земјава во германскиот Бундестаг претставува моќна порака, што доаѓа од една од најголемите и најсилни европски држави, која застана зад нас, ни даде поддршка на европскиот пат и ги потврди признанијата на македонскиот идентитет, јазик, култура и посебност.

- Ова е потврда на државничките политики на СДСМ, но и на сето она што го говориме веќе подолг период. Со мудрост, со вистински чекори и политики обезбедуваме поддршка во самата Унија и признание за македонскиот идентитет, јазик и култура. Тој резултат го носи современиот патриотизам и македонизам, рече Зечевиќ на средбата со струмичани во рамки на карванот теренски активности на СДСМ, „Рамо до рамо, до победа“.

Зечевиќ, кој беше во Струмица заедно со претседателот на партиската Комисија за транспорт и врски, Митко Трајчулески, истакна дека сега имаме историска шанса која мораме да ја искористиме, да го продолжиме патот кон Европа и да го обезбедиме македонскиот идентитет, вграден во европскиот, повикувајќи ја опозициската ВМРО-ДПМНЕ на продолжување на дијалогот.

- Затоа уште еднаш ја повикувам ВМРО-ДПМНЕ да продолжиме со дијалогот, да одредат тим, да застанеме рамо до рамо, да разговараме и заедно да ја донесеме историската одлука. Тоа им го должиме на граѓаните, на сегашните и на идните генерации, рече Зечевиќ.

Членот на ЦО на СДСМ, Љупчо Николовски која заедно со партиската портпаролка Богданка Кузеска беше меѓу граѓаните на Охрид истакна дека нема сегмент каде придобивките од евроинтеграцијата не носат придобивки.

- Конкретно, во земјоделството ние сме лидери во искористувањето на средствата од ИПАРД програмите што носат директна поддршка за македонското земјоделство. Започнуваме со програмата ИПАРД 3 со која во модернизација на македонското земјоделство ќе влезат 128 милиони евра, како директна поддршка. Тоа е една од многуте причини зошто треба да останеме на европскиот пат и дијалогот за реформите да продолжи, порача Николовски во Охрид.

Истовремено денеска во рамки на карванот„Рамо до рамо, до победа“, пратениците на СДСМ, Љубица Спасова и Коле Чаракчиев беа на средби со граѓаните на Босилово. сп/

Остани поврзан