• вторник, 24 декември 2024

Карапејовски: ЗНАМ ќе го оформи ставот за интерпелацијата на Гаши по добивањето на сите информации, барањето за ветинг на ДУИ е дефокус

Карапејовски: ЗНАМ ќе го оформи ставот за интерпелацијата на Гаши по добивањето на сите информации, барањето за ветинг на ДУИ е дефокус

Скопје, 8 август 2024 (МИА) – Пратеникот Бобан Карапејовски од Движењето ЗНАМ „За Наша Македонија“ изјави дека сѐ уште немаат заземено став како ќе гласаат за интерпелацијата на собранискиот спикер, Африм Гаши, и дека ќе го оформат по добивањето на сите информации.

Во врска со барањето на ДУИ за меѓународен ветинг, тој нагласи дека тоа e обид за дефокус од она што излегува како корупциски афери во институциите по промената на власт, додека за индициите за дестабилизација посочи дека доколку се реализираат тоа нема да помине добро кај граѓаните.

Во вечерашното гостување на Сител Телевизија, Карапејовски посочи дека како политичка партија сѐ уште немаат заземено став како ќе гласаат за интерпелација на спикерот Гаши, што политичката партија Левица ја поднесе поради тоа што „воведува непринципиелни политики во Собранието“, од причина што, како што рече - се легалисти.

- Никој не е над Уставот и законите, ниту пратениците, ниту министрите, ниту претседателот на Владата, а ниту на државата и претседателот на Собранието, се разбира. Тоа значи дека сѐ мора да биде легалистички до крај изведено. Ние не работиме по шпекулации. Чекаме институциите да си ја завршат работата, да видиме извештај, да видиме што се случувало, изјави тој, дополнувајќи дека ќе го чекаат деловничкиот рок од десет дена за претседателот на Собранието да одговори на интерпелацијата.

Според Карепејовски, „Африм Гаши е добар човек, но претседателот на Собранието Гаши има неколку грешки“.

- Се надевам дека тие грешки ќе излезат и низ извештаите на соодветните државни органи и во неговиот одговор, дека всушност не се толку страшни, дека тој не учествувал на тој начин во сето она што се случувало за да треба да биде разрешен од функцијата претседател на Собранието. Но, да оставиме извесен период да ги оставиме овие десет дена што деловникот му ги дава и на претседателот на Собранието и тој самиот да се произнесе, а и ние да ги добиеме сите информации, дополни тој.

Во однос на прашањето дека во иницијативата е наведен и случајот и со молитвата, на кој ЗНАМ како партија остро реагирала, Карапејовски одговори дека не смеат да избрзаат и кон него да посочат со прст без да им дадат шанса на институциите соодветно да ги направат сите можни истражувања што се случило и да дадат соодветен извештај.

- Да ние мислиме дека не е убаво да има некаков тип на верски обреди во Собранието. Апсолутно од тоа не бегаме, затоа имавме ние реакција која е улогата на претседателот на Собранието во сето тоа, колку се прекршени Уставот и законите свесно од негова страна во смисла да му се наштети на дигнитетот на Собранието, е таа црвена линија по која ние ќе се водиме дали нешто ќе поддржиме или нема да поддржиме, рече тој.

За барањето на ДУИ за спроведување на ветинг под меѓународен мониторинг, пратеникот од ЗНАМ изјави дека нивниот став е дека не треба за ништо да има генерален ветинг, бидејќи тоа, според нив, е еден начин на амнестија на некои луѓе.

- Треба сите поединечни случаи, примери и прекршувања од некои политичари да се санкционираат низ институциите на системот.Тоа со меѓународен мониторинг што сега што го предлага ДУИ личи како да сакаат да направат дефокус од она што излегува по промената на власт како корупциски афери во сите институции, состојбата на буџетот и ребалансот што нѐ чека, очајната ситуација во која нѐ оставила претходната власт, рече тој.

Најлесен начин да се извадите, подвлече, е да се обидете да се амнестирате себе си од вашето лошо владеење.

- Проблемот е што за недовербата во судството и другите институции еден од главните виновници е онаа политичка партија што сега предлага меѓународен ветинг. Ги има ли институциите во свои раце 17 години наназад, така што малку е чудно кога тие тоа го предлагаат, а биле внатре во системот и на некој начин го контролирале. Имале доволно време и да спроведат ветинг и да направат институциите да функционираат подобро, нагласи Карапејовски.

На прашањето за најавите на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ за распуштање на Судски совет и Совет на јавни обвинители, пратеникот одговори дека тоа треба да се преши низ поширока јавна дебата во рамките на инклузивен процес.

- Низ поширока јавна дебата и во рамките на еден инклузивен процес ќе се дојде до решение и ќе се приближат ставовите. Ние се согласуваме во рамките на владата кога станува збор за судскиот систем, нијанси се во прашање, дали ќе одиме на порадикален чекор, а тоа е целосно распуштање или да се направи ревизија и да се утврди поединечна одговорност, рече тој.

На прашањето за индициите за можна дестабилизација на државата од ДУИ, Карапејовски сподели дека се надева дека тоа се само индиции.

- Ако ја тангира безбедноста не секој може да дојде до тие информации. Ако системот функционира како што треба не може сите да имаме увид во тоа што би значело ако така функционира безбедносниот сектор. Јас се надевам дека тоа се само индиции, дека тоа се само информации дека некој можеби размислувал за тоа, но и со раното откривање во јавноста од една страна,  од друга и со тоа што ете тие идеи биле, се надевам, барем во помал круг, дека тоа нема да се случи никој нема да посегне по едно такво сценарио, истакна пратеникот Карапејовски.

Дополни дека според него, тие што би се обиделе да направат такво нешто, тоа лошо би се завршило и по нив. 

- Не зборувам политички, граѓаните не сакаат дестабилизиција, граѓаните сакаат стабилност, да се работи, државата да оди напред, да се зборува како економијата ќе оди напред, како ќе растат платите, БДП, како ќе го зголемиме стандардот тоа што го зборувавме и пред изборната кампањата на наставниците, на професорите, на оние што работат медицинскиот персонал, лекарите итн. Тоа треба да бидат темите. Тие што сакат да ја дестабилизираат нема добро да поминат кај граѓаните и се надевам дека ќе се откажат дури и да имале некаде таму свесно или потсвесно таква некаква идеја, потенцираше Карапејовски.ар/цр
Фото:МИА

 

 

 

 

Остани поврзан