• петок, 27 декември 2024

Каранфилова-Пановска: Фондацијата 30 години овозможува граѓанските организации да бидат коректив на власта

Каранфилова-Пановска: Фондацијата 30 години овозможува граѓанските организации да бидат коректив на власта
Скопје, 3 јуни 2021 (МИА)- Фондациите Отворено општество секаде низ светот, па така и во Македонија, секогаш биле глас на прогресот, глас на нешто што било напред или пред времето и глас на она што значело поддршка на прогресивните сили во општеството за да се надминат одредени ситуации или појави. Фондацијата за демократизацијата има направено многу. Прашање е колку од граѓаните, односно дали мнозинството граѓани се свесни за тоа, истакна Фани Каранфилова-Пановска, извршен директор на Фондацијата Отворено општество по повод три децении работа во Западен Балкан. Според неа плурализмот во медиумите е резултат на делувањето на Фондацијата во раните деведесетти години. -Помошта обезбедена за првиот приватен весник Дневник настрана од дотогашниот монопол на Нова Македонија, помошта на А1 телевизија, поддршката на неколку регионални телевизии во текот на 92-та, 93-та година и така натаму, беше еден значаен дел од нашата работа и значаен дел од ресурсите одеа за поддршка на медиумскиот плурализам, појаснува таа за Канал 77. Додава дека фондацијата сите овие 30 години работела во насока на развој на граѓанското општество посветено на застапување на вредностите како почитувањето на човековите права, доброто управување, борбата со корупцијата. Воедно потенцира дека поддршката на граѓанското општество се засновала на тоа да ги поддржува најмалите организации коишто функционираат на локално ниво и кои според неа се многу значајни за поддршка на локалните заедници. -Сме се труделе да изградиме организации коишто ќе бидат компетентни да се носат рамо до рамо и партнерски во одредени области со тоа што го работат институциите. Како резултат на голем број програми коишто некогаш биле програми во рамки на Фондацијата се издвоени како засебни организации низ овие триесет години сигурно над 25 организации од кои голем дел и ден денес постојат, функционираат и работат и коишто се, ако не единствени, едни од ретките кредибилни аналитичари и организации кои го разбираат доменот на својата, вели Каранфилова-Пановска. Според неа голем дел од овие организации се резултат на една долгогодишна посветеност на креирање капацитети меѓу граѓанските организации за вакви актери кои како што вели таа денеска можат да бидат рамноправни партнери на институциите при креирањето на политиките, но и будни набљудувачи и критичари на процесите на носење на одлуки и реагирање тогаш кога е потребно. -Со фондациите од регионот имаме извонредна соработка  и секојдневна комуникација. Аспектот на соработка на теми кои се од регионално значење станува императив за нас, така што многу блиску соработуваме и сега во последните 2 години заеднички спроведовме повеќе проекти како мрежа на Фондации во Западен Балкан со канцелариите во Тирана, Белград, Приштина и Сараево. Пет фондации има национални во моментот во Западен Балкан, но регионално соработуваме и со актери од граѓанското општество и во другите држави каде што нема национална фондации, како што се Црна Гора или Хрватска, па некогаш и со Словенија, тврди Кранфилова-Пановска. Истакнува дека регионалната соработка е важен аспект во натамошното  делување. -Работевме еден пакет проекти за економско-социјална поддршка на овие категории граѓаните со национален, но и со регионален пристап. Во иднина ќе биде важно и нужно да работиме сите заеднички на климатската транзиција, односно  на трансформацијата на нашите општества и нашите економии. Планот за помагање или придонесување кон искористување на сите оние средства коишто пред сѐ Европската унија, но и другите актери ги ставаат на располагање за да ја направиме оваа климатска транзиција поедноставно и побрзо, појаснува таа. Според Каранфилова Пановска третата област во којашто планираат соработка со регионалните организации се разните модели или инструменти со кои ќе се следи работата на институциите од аспект на спречување и превенирање на корупција. -Критиката е здрава работа и значи дека имаме можност секој да има слобода да си го изрази својот став. Уште подобро е кога тие критики се слушнати од адресите до кои се упатени и  се на некој начин земени предвид, вели таа. Таа појаснува дека многумина во судската и извршната власт биле соработници на Фондацијата, а сега добро познати актери во општествениот живот. -Членовите на владиниот кабинет кои биле претходно во граѓанските организации се едни од поуспешните министри, барем досега. Се разбира, будно следиме сѐ што се случува, но нашата главна одредница со која се занимаваме изминатите години и ќе се занимаваме во иднина, е да помогнеме таа неурамнотеженост да се избалансира најмногу кога станува збор за економско-социјалната нерамноправност на граѓаните, изјави Каранфилова. Посочи дека пред сѐ мисли на нерамноправноста во пристапот до образование, пристапот до здравствени услуги, заедниците кои се економско и социјално депресирани и на кои им треба повеќе помош отколку на кој било друг. -Ќе се фокусираме на тоа како работат и управуваат институциите со ресорите коишто им се доделени, од аспект на тоа дали тоа се прави по принципите  на добро владеење и справување со корупција. Тука ќе делуваме многу и ќе продолжиме да ги поддржуваме напорите на граѓанските организации да се залагаат за оние круцијални вредности на отвореното општество и понатаму, но пред се да бидат будни и да ги следат политиките на оваа власт и да бидат гласни кога некои од тие политики застрануваат, вели таа. Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ)  одбележа 30 години постоење и работа на фондациите во Западниот Балкан. Преку дебата и документарен филм на јавноста ѝ беше прикажано што секоја од националните фондации успеала да постигне во изминатите 3 децении во овој регион. свс/ац/

Остани поврзан