• петок, 27 декември 2024

Карантинот во Грција нема да заврши на 30 ноември

Карантинот во Грција нема да заврши на 30 ноември
Атина, 24 ноември 2020 (МИА) – Сценариото за укинување на карантинот и олабавување на рестриктивните мерки во Грција на 1 декември, се чини дека сѐ повеќе се оддалечува, а поверојатно е дека забраната за движење ќе биде дополнително продолжена и по 30 ноември, наведе министерот за здравство и владиниот портпарол, јави дописничката на МИА од Атина. Министерот за здравство на Грција, Василис Кикиљас, во интервјуто за грчката телевизија „Мега“, рече дека е неосновано „да говориме за укинување на локдаунот на крајот од месецот“. -Врз основа на епидемиолошките податоци, притисокот врз здравствениот систем, но и ширењето на вирусот, очигледно е дека не може мерките да се укинат на крајот на месецов, рече Кикиљас и објасни дека клучните фактори за „постепено, чекор по чекор, враќање во делумна нормалност“ се намалување на новите случаи и намалување на притисокот врз здравствениот систем. И портпаролот на Владата Стелиос Пецас, утрово за ТВ „Антена“ истакна дека не е реална веројатноста да се укине карантинот на 1 декември, бидејќи епидемиолошките податоци и понатаму се високи. Пецас уште еднаш повтори дека олабавувањето на мерките ќе биде постепено, прво со отворање на училиштата, потоа со продавниците, а на крај угостителските објекти и истакна дека враќањето во нормала ќе биде внимателно, но и дека ќе продолжат да важат одредени ограничувања. Објасни дека за божиќните празници на крајот од декември, тешко ќе биде да се дозволи патување од периферија во периферија, додека пак правила и ограничувања ќе има во работата на кафулињата и угостителските објекти, без да бидат дозволени забави, а ноќните клубови ќе останат затворени. Според грчките епидемиолози, продолжувањето може да биде за една или две седмици, додека пак медиумите во Грција објавуваат дека не е исклучена можноста, кон крајот на неделава, премиерот Кирјакос Мицотакис, преку нова телевизиска порака до граѓаните, да соопшти дека ќе биде продолжен карантинот. Грција од 7 ноември влезе во 23-дневен карантин, што тогаш беше најавено дека ќе трае до 30 ноември. Една седмица по карантинот, односно од 13 ноември беше воведен и полициски час од 21 до 5 часот наутро. И покрај мерките, засега, нема големо намалување на новите случаи на Ковид-19, а драстично е зголемен бројот на починати лица и пациенти приклучени на апарати. Како што велат надлежните епидемиолози, но и портпарилот на грчката Влада, следните денови ќе бидат клучни за носење одлука за рестриктивните мерки. Од почетокот на епидемијата, во Грција се регистрирани 93.006 позитивни случаи на Ковид-19, а починаа 1.714 лица. ср/сд/

Остани поврзан