• среда, 13 ноември 2024

Каракашев: Производната цена на пченицата чини неполни 14 денари, не сме задоволни

Каракашев: Производната цена на пченицата чини неполни 14 денари, не сме задоволни

Штип, 13 јули 2024 (МИА) - Производната цена на пченицата чини неполни 14 денари за килограм. Цената ја утврди Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“-Скопје, информира претседателот на Националната мрежа на земјоделци, Ѓорѓи Каракашев.

Тој вели дека не се задоволни, бидејќи производната цена е повисока од откупната. Посочува дека состојбата на пазарот е уште по загрижувачка, бидејќи во моментов лебното зрно се откупува по цена од осум до 11 денари за килограм.

 - Не се согласуваме за таа производна цена. Според дефиницијата на законот, ние имаме од производната цена плус 25 проценти, значи тоа е загарантирана цена на пченицата во Македонија. За жал, сега на теренот имаме општо дивеење од страна на откупувачите, мелничарите, не почитуваат никаква економски логика. Државата мора максимално да се вклучи и да им помогне на полјоделците, да го преживеат овој тежок период, нагласува Каракашев. 

Додава дека пченицата е стратешка култура и затоа од Националната мрежа на земјоделци бараат да се интервенира преку Законот за рурален развој.

- Имавме средба со ресорниот министер, искажана е кооперативност, има некои напори да се дојде до некое прифатливо решение. Рекоа дека будно ќе ја следат ситуацијата и доколку има простор, државата ќе интервенира, но не знам на кој начин. Баравме да се одделат средства преку Интервентниот фонд за да се постигне некоја економска одржливост, додаде Каракашев.

Според земјоделците на терен се ожнеани повеќе од 80 проценти од нивите под пченица. Каракашев вели годинава се очекува вкупен принос од 180.000 до 200.000 тони пченица, што е околу 60 проценти од потребите на населението. вдј/бак/

Фото: МИА 
 

 
 
 

 

Остани поврзан