• сабота, 23 ноември 2024

Караванот „Рамо до рамо до победа“ на СДСМ на терен во Гостивар, Маврово Ростуше, Врапчиште, Росоман и Центар

Караванот „Рамо до рамо до победа“ на СДСМ на терен во Гостивар, Маврово Ростуше, Врапчиште, Росоман и Центар

Скопје, 31 мај 2023 (МИА) - Караванот „Рамо до рамо до победа“ на СДСМ денеска на терен беше со граѓаните на Гостивар, Маврово Ростуше, Врапчиште, Росоман и Центар. 

Генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ Вардарски, на маалска средба со жителите на општина Росоман порача дека така нареченото „македонско прашање“ кое со векови одредени сили сакаат да го држат отворено заради нивни интереси целосно се затвора со нашето членство во ЕУ.  

- Многу долг и трнлив пат сме изоделе и сите премрежја сме успеале да ги надминеме. Сега имаме историска шанса, да обезбедиме европска иднина за сите граѓани, подобар животен стандард и за навек да ги затвориме сите национални и идентитетски прашања. Затоа што со членството во ЕУ, целосно се затвора македонското прашање. Стануваме рамноправен партнер на големата маса, рамо до рамо со големите европски држави. Треба да се обединиме, да бидеме мудри, да го ставиме државниот и национален интерес над се и да донесеме одлука, да дадеме глас за Европа. Изборот е интеграција или изолација, рече Зечевиќ.

Генералниот секретар говореше и за придобивките од членството во ЕУ за граѓаните, земјоделците и младите.

- Членство во ЕУ значи пристап за македонските земјоделци до пазар од над 400 милиони жители, без какви било пречки или бариери. Значи пристап и до нови и поголеми земјоделски фондови, различна финансиска помош за поголемо производство. За младите значи шанса за подобро образование, добри плати и работа по европски стандарди дома, рече Зечевиќ.

Како дел од караванот „Рамо до рамо до победа“ денеска потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев заедно со членката на Извршниот одбор, Милена Стефановиќ беа меѓу граѓаните на општина Центар.

-Имаме историска шанса да успееме во нашата цел за членство во ЕУ која мора да ја зграпчиме. Изборот е ЕУ интеграција или изолација. Членството во ЕУ отвора свет на можности за граѓаните, за младите пред се. Во образованието, пристап до престижни универзитети и стипендии низ земјите-членки, поттикнувајќи нови хоризонти.  На економски план мноштво можности за подобри работни места и повисоки плати, пристап до најголемиот пазар за компаниите. Европските можности да бидат наши, македонски, сами да си ја обликуваме иднината, рече потпретседателот Богоев.

Тој порача дека СДСМ е вклучен и одговорен за секој државен и национален успех од денот на независноста па до денес.

- Со нашите државнички одлуки успеавме да ја внесеме државата во НАТО, да започнеме преговори со ЕУ со заштитен и потврден македонски јазик и идентитет. СДСМ е предводник на концептот за Европска Македонија и ќе биде партијата што ќе ја внесе земјата во ЕУ, истакна Богоев.

Тој се осврна и на состојбата во Скопје што, како што рече, ја предизвика ВМРО-ДПМНЕ и работата на градоначалниците.

- За само една и пол година, ВМРО-ДПМНЕ успеа да го донесе Скопје во хаос, да има нефункционални јавни претпријатија, смет на многу места, неискосени тревници, змиии  а општините што ги предводи да ги задолжи и целосно да ги партизира. Граѓаните многу добро се потсетија што значи ВМРО-ДПМНЕ на власт. За разлика од нив градоначалниците од СДСМ на дело покажуваат што значи одговорна и посветена работа за граѓаните. Меѓу нив секако е и нашиот другар Горан Герасимовски кој не само што реализира проекти од програмата, туку оди и чекор понатаму. Во време на светска енергетска криза заедно со Советот од нула општина Центар создаде претпријатие за производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори, со што општина Центар ќе биде првата енергетски независна општина во државата, рече потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев.

Во општина Маврово и Ростуше беа Благој Бочварски и Пламенка Бојчева.

- Владата на СДСМ како ниту една влада претходно инвестира во инфраструктурата во секој дел од државата. Реализиравме над 1.400 километри патишта за само шест години. И тука не застануваме. Започна најголемиот, најважен и највреден проект во инфраструктурата во историјата на државата. По децении зборување конечно започнаа да се градат коридорите 8 и 10 Д. Инвестиција од 1,3 милијарди евра од кои најмалку 600 милиони евра ќе останат во домашните компании, а ќе се изградат 110 километри автопати, порача Бочварски.

Меѓу граѓаните на општина Врапчиште беа Никола Рилак и Виктор Велевски.

- Во најкризната година за енергетиката во светот рекордно го зголемивме домашното производство на електрична енергија, особено во делот на капацитети од обновливи извори на енергија. Тоа за многу брзо ќе донесе повторно враќање на дневната евтина тарифа на струјата како и зголемување на енергетската независност на државата, истакна Рилак.

Во Гостивар, Славица Грковска и Фарук Омери пред присутните порачаа дека СДСМ продолжува со реализација на стратешките цели со цел обезбедување подобар животен стандард за граѓаните.

Претседателот на партиската комисија за транспорт и врски, Митко Трајчулески, пред жителите на Росоман зборуваше за инвестициите на СДСМ во инфраструктурата.

- Голем инвестициски циклус е во тек. Во овој регион активно веќе се работи на изградбата на експресниот пат Градско-Дреново, и Дреново-Фариш, се реконструираше делницата кај Плетвар а започна и реализација на стратешкиот проект за автопат Прилеп-Битола. Продолжуваме да инвестираме во квалитетна инфраструктура, рече Трајчулескии. цр/

Фото:СДСМ

 

 

 

 

Остани поврзан