• четврток, 26 декември 2024

Капетан Кирк оди во Вселената

Капетан Кирк оди во Вселената
Хјустон, 5 октомври 2021 (МИА) - Вилијам Шетнер, кој го глумеше капетан Кирк во серијата „Ѕвездени патеки“, ќе полета во Вселената. „Блу ориџин“, компанијата на американскиот милијардер Џеф Безос, потврди дека актерот ќе биде меѓу вселенските патници на летот закажан за 12 октомври. Вселенскиот брод ќе полета од Тексас. Вилијам Шетнер има 90 години и со ова ќе стане највозрасниот човек во историјата што отишол во Вселената. А, тоа ќе биде втор лет на „Блу ориџин“ со луѓе. Џеф Безос, основачот на Амазон, беше меѓу патниците на првиот лет во јули. Со него, во авионот беше неговиот брат, натаму - 18-годишен ученик и 82-годишна пионерка во вселенската трка. Како и во јули, и овој лет би требало да трае околу 10 минути. Компанијата објави и дека Одри Пауерс, потпретседател за операции на летови, ќе биде меѓу патниците. Пред десет години, медиумите пишуваа дека Шатнер ја отфрлил понудата на британскиот милијардер Ричард Бренсон да биде дел од екипажот на неговата „Вирџин галакси“. Тоа, наводно, бидејќи Бренсон му побарал пари за да биде на списокот патници. Шетнер, сепак, нема да биде првиот член на екипата на „Ѕвездени патеки“ што ќе лета во Вселената. Во 2008 година, пепелта на Џејмс Духан, кој ја играше улогата на Монтгомери Скот, е однесена во Меѓународната вселенска станица. Глумецот почина во 2005 година. Компанијата на Безос, „Блу ориџин“ беше во центар на вниманието на јавноста последниве денови, бидејќи повеќе од 20 сегашни и поранешни вработени тврдат дека директорите ги занемариле безбедносните прашања со цел да добијат предност во вселенската туристичка трка. Се појавија и обвинувања за сексизам. Компанијата ги отфрли овие наводи и посочи дека стои зад сите проекти и својот начин на работа, како и дека ги почитува сите безбедносни процедури.  си/

Остани поврзан