• понеделник, 18 ноември 2024

Кандидатот на опозицијата слави победа на изборите во Сенегал, власта очекува втор круг

Кандидатот на опозицијата слави победа на изборите во Сенегал, власта очекува втор круг

Дакар, 25 март 2024 (МИА) – Првите нецелосни резултати од вчерашните претседателски избори во Сенегал, му даваат голема предност на опозицискиот кандидат Басиру Диомаје Фаје, но кандидатот на владејачката коалиција Амаду Ба вели дека победникот ќе се знае дури по вториот круг од изборите.

Досега на Феј победата му ја честитале пет од вкупно деветнаесет кандидати на претседателските избори. Сепак, поранешниот сенегалски премиер и кандидат на владејачката коалиција, Амаду Ба, изјави дека честитките и прославите на улиците се преранети.

- Имајќи ги предвид повратните информации од нашиот тим, сигурни сме дека, во најлош случај, ќе имаме втор круг избори, се вели во соопштението од неговиот штаб.

Изборниот ден помина без инциденти. Според државната телевизија, нешто повеќе од пет милиони луѓе, или 71 отсто од гласачите, го искористиле своето право на глас на петите претседателски избори во Сенегал, свикани по три години политички турбуленции обележани со насилни антивладини протести и зголемена политичка поддршка за опозицијата.

Според првите резултати објавени од државната телевизија, Феј освоил мнозинство од сите гласови, по што следуваа прослави на улиците на главниот град Дакар. Неговите приврзаници палеле огномети, вееле знамиња и свиреле со вувузели.

Сепак, се уште не се знае колку избирачки места се обработени, од вкупно 15.633.

Конечните привремени резултати се очекуваат до утре. Вториот круг ќе се одржи доколку ниту еден кандидат не обезбеди мнозинство од гласовите.

Актуелниот претседател Меки Сал се повлекува откако неговиот втор мандат беше нарушен со насилни немири поради прогонот на опозицискиот лидер Усман Сонко и сомнежите дека сака да го продолжи својот мандат, без оглед на уставните ограничувања.

Неговата влада водеше политики поволни за инвеститорите во земјата што наскоро ќе произведува нафта и гас, но не успеа да ги олесни економските проблеми, што исто така беше една од причините за немирите во една од најстабилните демократии во западна Африка, регион склон на државни удари.

За првпат во историјата на Сенегал, актуелниот претседател го нема на гласачкото ливче. Неговата владејачка коалиција го избра 62-годишниот поранешен премиер Амаду Ба за свој кандидат.

Од друга страна, Басиру Диомаје Фаје, 43-годишен поранешен даночен инспектор, ја ужива поддршката на поранешниот опозициски лидер Усман Сонко, кој беше дисквалификуван од изборната трка поради пресуда за клевета. Поради истата причина пред една година беше приведен и Феј.

И двајцата беа ослободени неколку дена пред изборите, благодарение на донесениот закон за амнестија. Тие заедно водеа кампања под слоганот „Диомаје е Сонко“.

- Луѓето ќе изберат меѓу продолжување и прекин, рече Фаје откако го даде својот глас, повикувајќи ги кандидатите да го прифатат победникот. јт/

Фото: Х 

Остани поврзан