• четврток, 26 декември 2024

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Карбинци Паунов вети нова градинка и училишна зграда на подрачното училиште „Страшо Пинџур"

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Карбинци Паунов вети нова градинка и училишна зграда на подрачното училиште „Страшо Пинџур
Штип, 15 октомври 2021 (МИА) - Без ни малку двоумење сакам да ја навестам големата изборна победа и новото советничко мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ во Карбинци уште во првиот изборен круг. Бастионот на ВМРО-ДПМНЕ во истокот бил и ќе биде Карбинци, порача од вечерашниот митинг, кандидатот за градоначалник на општина Карбинци, Виктор Паунов. Паунов додаде дека општина Карбинци ги памети деновите кога се градеше и функционираше како сервис на граѓаните во минатото предводено од ВМРО-ДПМНЕ, но за жал, како што рече, „се уште се актуелни случувањата и во овие четири години каде владее апатија, неработа и богатење на олигарси и фамилии од власта“. - Имаме план, имаме визија, а мотивацијата никогаш не била поголема за успех и просперитет на нашата општина. Ние сме тие кои имаме обврска да ја градиме светлата иднина на Карбинци. Гарантираме проекти за промени, проекти за победи, нагласи Паунов. Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Општина Карбинци истакна дека наместо од СДСМ да бараат поддршка, тие треба да се извинат пред народот, за сите, како што рече, лаги во овие четири години, за сите провизии кои ги земале и за сите нечесни игри кои ги направиле. - Како предводник на идната локална власт, се обврзувам за многу проекти кои се од суштинско значење за нас, проекти со кои нудиме решавање на проблемите и модернизирање на нашите населени места. Гарантирам изградба на нова детска градинка во село Карбинци со капацитет од минимум 50 деца, нова училишна зграда на подрачното училиште „Страшо Пинџур“ во Таринци со површина од 200 м2, подобрување на водоснабдувањето на село Радање и решавање на деценискиот проблем со водата за пиење, основање на противпожарно одделение во општина Карбинци, вети Паунов. Тој рече дека ќе вложуваат во зачувување на животната средина, справување со депониите во населените места во две фази, а во комуналното претпријатие ЈП „Плачковица“ ќе се формира  и сектор за комунална хигиена. Посочи дека ќе вложуваат и во делот на спортот преку поддршка за сите спортски клубови во Карбинци, со цел афирмирање и унапредување на спортот и развивање на спортскиот дух на младите. Додаде дека Општина Карбинци во иднина ќе ја зголеми поддршката на локалните спортски клубови и ќе поддржи и организирање на спортски натпревари и турнири кои ќе се оддржуваат на територијата на Општина Карбинци. - Исправено стојам пред вас и ви кажувам ова е битка на нашата генерација и ве поканувам да се приклучите заедно да бидеме во оваа пресудна битка за Карбинци и Македонија, време е за промени, време е за проекти, време е за победи, да сте ми здрави и живи, да живее општина Карбинци, Македонија вечна, порача Паунов. вдј/мс/      

Остани поврзан