• среда, 27 ноември 2024

Канани: Иран и САД имаа индиректни разговори во Оман

Канани: Иран и САД имаа индиректни разговори во Оман

Мускат, 12 јуни 2023 (МИА) - Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани, денеска потврди дека Иран и САД имале индиректни разговори.

Според извештаите, разговорите се одржале минатиот месец во Оман.

Медиумите јавуваат дека главна тема на разговорот била растечката тензија и загриженоста на Белата куќа во врска со иранската нуклеарна програма.

Денешниот одговор на Канани е и прва потврда на иранската Влада за постоење на индиректни преговори. 

Администрацијата на Бајден јавно не потврди дека разговорите се одржале.

Канани на брифинг со новинарите кажа дека иранската Влада разменила пораки со САД во врска со укинувањето на санкциите.

Тој додаде дека Иран не разговара за привремен договор или друг аранжман што не се заснова на нуклеарниот договор од 2015 година.

Координаторот на Белата куќа за Блискиот Исток, Брет Мекгурк, на 8 мај тајно отпатувал во Оман на разговори со официјални претставници на Оман за можниот дипломатски контакт со Иран во врска со неговата нуклеарна програма, се наведува во извештаите на медиумите.

Според три извори информирани за ова прашање, во исто време во Оман пристигнала иранска делегација.

-Главниот ирански нуклеарен преговарач Али Багери Кан беше дел од делегацијата, изјави еден од изворите.

Мекгурк и иранските власти немале директни средби, наведуваат изворите. Двете страни биел на одвоени локации, при што претставниците на Оман оделе меѓу нив и пренесувале пораки.

Медиумите јавуваат дека САД јасно ставиле до знаење дека Иран ќе плати висока цена доколку продолжи со збогатување ураниум до 90 отсто, што е нивото потребно за производство на нуклеарно оружје. сд/

Фото. архива

Остани поврзан