• среда, 25 декември 2024

Канадската покраина Квебек се надева на дожд и странска помош во борбата против пожарите

Канадската покраина Квебек се надева на дожд и странска помош во борбата против пожарите

Отава, 10 јуни 2023 (МИА) - Канадската провинција Квебек се надева дека дождот и помошта однадвор би можеле да помогнат во борбата против повеќето од 100 шумски пожари што произведуваат обрачи чад што ги задушуваат градовите на брегот на Атлантикот.

Официјални лица од покраината наведуваат дека до понеделник ќе има околу 1.200 пожарникари, вклучително и повеќе од 100 од Франција, кои ќе се борат со пожарите во шумската провинција со само 8,5 милиони жители, која зафаќа површина поголема од Германија, Шпанија и Франција заедно.

-Се предвидува малку дожд... и во следните неколку дена постои ризик ситуацијата да остане критична. Но доаѓањето на француските пожарникари навистина ќе помогне, изјави министерката за шумарство Мајт Бланшет Везина.

До синоќа низ цела Канада имаше 422 активни пожари, од кои 125 во Квебек. Канадските шумски пожари редовно се случуваат во потоплите летни месеци, но обемот на сегашните пожари - и нивното толку рано појавување - е без преседан.

Федералниот метеоролог Џералд Ченг вчера изјави дека врнежите се очекуваат во Квебек во текот на викендот, но додаде дека „останува да се види дали тој дожд ... е доволен за гаснење на пожарите“.

Властите во пацифичката провинција Британска Колумбија, каде што беа евакуирани неколку мали населби, малку спомнуваат за напредок во гаснењето на пожарите.

-Условите се многу суви во моментов. Бидете внимателни за да можеме да дадеме се од себе за да избегнеме катастрофална сезона на пожари, изјави премиерот на Британска Колумбија, Дејвид Еби.

Од градовите во северниот дел на Квебек евакуирани се повеќе од 13.000 лица.

Министерката Везина изјави дека некои патишта, што беа затворени, сега повторно отворени, додавајќи дека „се оди во вистинска насока“.

Запрашан за потенцијалот да им се дозволи на луѓето да се вратат дома, министерот за јавна безбедност на Квебек, Франсоа Бонардел, кажа: „Јасно е дека ситуацијата може да остане проблематична до понеделник навечер“. сд/

Остани поврзан