• вторник, 24 декември 2024

„Камчето на љубовта“ кај пингвините и неговите еквиваленти кај луѓето

„Камчето на љубовта“ кај пингвините и неговите еквиваленти кај луѓето

Лос Анџелес, 7 авгyст 2024 (МИА) - Папуанските пингвини обично важат за дружељубиви птици, но и прилично романтични. Како и другите видови пингвини, тие се парат доживотно, но создаваат и длабоки и трајни врски со нивните избрани партнери. Но, она што ги издвојува е нивниот посебен начин на изразување љубов - со камче...

За време на сезоната на парење, мажјакот го бара најмазното, најсовршеното камче што може да го најде. Потоа ѝ го подарува на избраната женка, во знак на наклонетост. Ако таа прифати, камчето станува темел на нивното гнездо и почеток на нивниот заеднички живот, пишува „Сајколоџи тудеј“ (Psychology Today).

Овој своевиден обичај зборува за длабоката поврзаност меѓу две единки од овој вид птици, но го нема само кај овие пингвините. Како што истакнува психологот Марк Траверс, и луѓето на пр. имаат свои „камчиња“ - едноставни, чувствителни гестови што ги користиме за да ја покажеме нашата љубов, внимение и наклонетост.

Се чини, тие „камчиња“, во самата суштина, означуваат - давање внимание. Кај луѓето тоа се едноставните подароци дадени од срце, сувенир за спомен, стара слика, цртеж од уличен уметник, а во развиената интернет-ера, таа симболика ја имаат и тн. „гифови“, „мемиња“ и видеоролни.

Споделувањето комични слики или куси видеа со определена и насочена порака, со којашто се цели уживањето и добриот впечаток кај „саканата“, според психолозите, е човековото „камче“ на денешнината. Комуниколошко испитување спроведено неодамна, потврди дека со споделувањето „мемиња“ се цели кон радоста на оние кои ни се драги.

Значи, се работи за намерен целисходен потег на поголема поврзаност, преку насмевката на личноста спроти нас. Тоа „камче“ на искреноста има и други облици...

Споделувањето музика, без разлика дали тоа е внимателно уредена МП-3 листа песни или веќе старомодните снимени аудиокасети и це-деа - сѐ тоа е добредојдено кај другата личност. Пораката е: Кога ќе го слушнам ова, мислам на тебе.

Секоја избрана и посветена песна е „скапоцен камен“ - намерно избран за да предизвикува чувства, спомени и трајни сеќавања.

„Таквата љубов вклучува грижа за доброто на другите, без оглед на тоа дали тие дејства се гледаат како идни придобивки за оној кој ги испраќа“, истакнува написот.

И подароците, без разлика дали се мали или поголеми и поскапи - важен е гестот на вниманието, воопшто - во човечкото однесување. Тоа, пред сѐ - му покажува на примачот дека неговите желби, потреби и вкусови не се незабележани.

Во добата на дигиталната комуникација, рачно напишаните писма може да имаат и поголема вредност, особено ако се засилени со сентиментални нишки реченици запишани „од срце“ и внимателно избрани зборови. Тоа може да биде најекспресивен и највпечатлив начин на изразување љубов кон другата личност.

Учтивоста е уште еден начин „да се подари камче“ некому. Потезите, односот и делата, водени од сочувство и љубов, покажуваат длабока грижа за благосостојбата на другите и желба таа да се подобри - без да се очекува ништо за возврат. Без разлика дали станува збор за утринска шолја кафе, завршена работа или поправка без „да се каже“, овие чинови на услуга се несебични дела коишто ја градат и зајакнуваат основата на љубовна врска - исто како камче во гнездото на два пингвина.

Фото: 

Остани поврзан