• петок, 27 декември 2024

Кампања „Читаме гласно, говориме јасно“ во Крива Паланка

Кампања „Читаме гласно, говориме јасно“ во Крива Паланка

Крива Паланка, 2 февруари 2024 ( МИА) - По повод 2 Февруари - Светски ден на читањето, Литературниот клуб „Калин“ при Центарот за култура во Крива Паланка и Библиотека „Кочо Рацин“ организираат кампања „Читаме гласно - говориме јасно“.

-Кампањата почнува денес и ќе трае до крајот на февруари. Можат да учествуваат сите предучилишни установи, ученици од основните училишта во Северна Македонија со нивните ментори, јавни личности и најважните личности кои непосредно влијаат на создавање љубов кон читањето и развој на говорни вештини кај децата, родителите. Сите родители, наставници, воспитувачи и негуватели, баби и дедовци, мајки и татковци, сите љубители на читањето, месецов, во знак на Светскиот ден на читањето, имаат задача да им читаат на глас на дечињата, како клучен метод за развивање читачки навики, информира Даниела Петровска, координатор на литературниот клуб„Калин“.

Читањето продонесува за постигнување успеси во училишните задачи и стекнување соодветни знаења и вештини.

Читањето на глас е превенција од појава на тешкотии при читање, дислексија, особено во ерата во која живееме, на модерни технологии и запоставеност на читање печатени книги. 

-Читајќи, децата се запознаваат со литературниот јазик што се разликува од секојдневниот говор и разговорен јазик, што е особено важно за образованието. Додека слушаат, децата ги развиваат својата фантазија и креативност. Поради тоа, драги наши читатели и љубители на книгата, Ве покануваме да се вклучите во кампањата „Читаме гласно - говориме јасно“, доставувајќи ни снимка од вашето гласно читање книга со вашите најмили, со вашите ученици, дечиња, внуци или пријатели.Секој наставник или ментор може да учествува со една видео снимка, во траење до три минути. Видео- материјалот треба да биде поставен на YouTube и се доставува како линк, со наведени генералии, податоци за учесниците и согласност за објавување на видео-материјалот на е-маил адреса на НУЦК, Крива Паланка, krivapalankanucentarzakultura@gmail.com, посочи Петровска.

На крајот од кампањата ќе биде објавена видео - компилација од сите учесници, за кои ќе бидат доделени и сертификати.

Кампањата има за цел негување на македонскиот литературен јазик и читање исклучиво поезија и проза: стихови за деца, песни од македонски поети и раскази или извадоци од романи од македонски автори.

Автори и координатори на кампањата се наставник-ментор Лариса Жулина-Митовски, ООУ „Св.Јоаким Крчовски“ - Крива Паланка и Ирена Белешковска, филолог, новинар и поет од литературен клуб „Калин“. ид/мд/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан