• четврток, 26 декември 2024

Кампања на МВР, РСБСП и Факултетот за безбедност „И јас и ти - сите сме пешаци! Безбедноста на прво место!“

Кампања на МВР, РСБСП и Факултетот за безбедност „И јас и ти - сите сме пешаци! Безбедноста на прво место!“
Скопје, 9 април 2022 (МИА) - Подигање на нивото на сообраќајна култура и на тој начин намалување на бројот на жртви во сообраќајот е целта на акцијата во склоп на новата кампања на Министерството за внатрешни работи (МВР), Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) и Факултетот за безбедност од Скопје „И јас и ти- сите сме пешаци! Безбедноста на прво место!“ што денеска беше организирана во Битола. Како што беше посочено, минатата 2021 година е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години, а податоците од првото тримесечје во 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на значително намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи. -Пешачењето е суштински дел од одржливата мобилност, го подобрува здравјето на луѓето и влијае на унапредувањето на животната средина. За жал, бројот на пешаци кои страдаат во сообраќајни незгоди секаде во светот е значително висок. Токму затоа организираме едукативно-превентивни активности кои ќе овозможат  осигурување на безбедна средина во која и возачите и пешаците ќе се однесуваат одговорно и ќе бидат безбедни, за што неопходно е постојано да се работи на изградување на правилни сообраќајни навики и етичко однесување на сите категории учесници во сообраќајот, рече претседателката на РСБСП Гордана Кожуваровска. Затоа, додаде, на пешаците им препорачуваме: зголемете ја вашата видливост при движење ноќе, носете батерија и/или носете светла или рефлектирачка облека. Преминувајте ја улицата само на добро осветлени места. Секогаш кога е можно, преминувајте преку улица само на означен пешачки премин. Движете се по тротоар или по патека наместо по пат, и тоа свртени кон сообраќајот доколку тротоар или патека не се достапни. - Остварете контакт со очи со возачот на возилото што доаѓа кон вас. Почекајте додека не поминат сите возила пред да тргнете да ја преминете улицата. Почитувајте ја сообраќајната сигнализација за пешаци, но секогаш имајте ја предвид и сигнализацијата за возачите. Избегнувајте користење електронски уреди како телефон или слушалки додека преминувате на пешачки премин, а избегнувајте и користење на алкохол или опојни средства затоа што тие можат да предизвикаат одвлекување на вниманието и да го нарушат расудувањето и координацијата, посочи Кожуваровска. Според деканот на Факултетот за безбедност Никола Дујовски, новата кампања на МВР, РСБСП и Факултетот за безбедност значително ќе придонесе за актуелизирање на предизвикот за безбедно учество во сообраќајот на сите учесници, особено на пешаците како ранлива категорија. -Успехот на заштитата на животот и имотот на граѓаните во сообраќајот е во директна корелација со активностите на сите органи кои може да придонесат за поттикнување на сообраќајната култура и за овозможување услови за безбеден и уреден сообраќај. Тоа е дополнителната вредност на оваа кампања која го потенцира интегрираниот пристап во кој повеќе институции работат за исполнување на единствената цел - безбеденост во сообраќајот за сите, рече Дујовски. Нагласи дека силно ги поддржуваат активностите на МВР за превентивно дејствување преку бројните кампањи и програми за едукација на сите учесници во сообраќајот, посебно за децата и младите на кои треба да им се влијае за поинаков пристап кон сообраќајните правила и прописи. -Исто така, ги поддржуваме и репресивните мерки за кои сме сведоци дека доколку се спроведуваат во континуитет, даваат значителни резултати на помалку загинати и повредени и помала материјална штета. На Факултетот за безбедност активно се изучуваат темите поврзани со безбедноста во сообраќајот и нашата примарна цел и обврска е да се вклучиме во реалните програми за градење на квалитетна политика за безбедноста на сите. И јас и ти - сите сме пешаци е само една кампања на која сме особено горди, рече деканот Дујовски. Помошникот на министерот за односи со јавност во МВР Тони Ангеловски истакна дека ваквите превентивни акции директно влијаат на подигањето на нивото на сообраќајна култура, а на тој начин се намалува бројот на жртви во сообраќајот. - Им благодарам на нашите партнери од РСБСП, а секако задоволство ми е што во нашите активности се придружува и Факултетот за безбедност. Безбедноста во сообраќајот е одговорност на сите нас и сите заеднички мора да го подигаме нивото на сообраќајната култура. Токму како резултат на активностите што ги спроведуваме изминатите години евидентен е трендот на опаѓање на бројот на жртви во сообраќајот кој секоја година се намалува, но, се разбира, и една жртва за нас е многу, па затоа продолжуваме интензивно да работиме за уште повеќе да ја намалиме оваа бројка, рече Ангеловски. Минатата 2021 година, посочи, има 116 жртви и тоа е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години, а податоците од првото тримесечје во 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи. - Во првите три месеци од 2022 година има 18 жртви, што е за 10 помалку споредено со истиот период лани, кога имало 28. Само во месец март 2022 година имаме четири жртви, а во март 2021 имало 16, што е бројка дури четири пати поголема од март 2022 година, сооопшти Ангеловски. Тој потенцира дека покрај превентивните акции, продолжуваат и засилените акциски контроли за санкционирање на оние учесници во сообраќајот што не ги почитуваат правилата. вј/сп/

Остани поврзан