• четврток, 26 декември 2024

Кампања за подигнување на свеста за значењето на Дреновската Клисура како споменик на природата

Кампања за подигнување на свеста за значењето на Дреновската Клисура како споменик на природата
Кавадарци, 13 септември 2022 (МИА) - Во тек е кампања за подигнување на свеста за значењето на Дреновската Клисура како споменик на природата, информираше денеска Роберто Паризов, претседател на регионалното еколошко друштво ,,Еко-живот", со седиште во Кавадарци.
Тој соопшти дека тековно се спроведуваат активности за подигање на јавната свест преку различни средства. Социјални мрежи, медиумска кампања, дистрибуирање на брошури, летоци, работилници и слично. Паризов нагласи дека целта на кампањата е локалното население од општините Кавадарци и Росоман да се запознаае со уникатната биолошка разновидност на заштитеното подрачје „Дреновска клисура“, за да  може во иднина, да се допринесе за негова заштита и промоција.
-Активностите се реализираат во рамките на проектот „Подигнување на свест за подигнување на јавната свест за значењето на Дреновска Клисура“, имплементиран од G Consult Ltd. во соработка со Eko Zivot Eko Centar и поддршка нa СИНОХИДРО КОРПОРЕЈШН ЛИМИТЕД Пекинг-Подружница Скопје, појасни Паризов.
Тој беше дециден дека специфичните климатски услови и геолошката подлога во Дреновската клисура, долината на реката Раец, создаваат услови за хетерогена природна вегетација и уникатна фаунистичка разновидност.
-На само 2.4 квадратни километри се среќава реликтна флора надополнета со ендемична фауна како дреновскиот полжав, чие распространување е ограничено на горните делови на клисурата, како и вилинските кончиња. Оваа биолошка разновидност условила Дреновската клисура да се прогласи за Споменик на природата. Според истражувањата, долината на реката Раец, вклучувајќи ја и Дреновската клисура, е прогласена за значајно подрачје за птици. Номинацијата на оваа област во 2008 година е заснована кокретно на присуството на 4 гнездечки парови на египетскиот мршојадец, 15-25 гнездечки парови на белонокта ветрушка и 2-3 гнездечки парови на црн штрк. Истовремено, има и уште една номинација како област од особен интерес за заштита, Раечка клисура  како дел од Емералд мрежата, за што имплементацијата ја води Европскиот Совет под Бернската Конвенција, информираше Паризов.
Тој нагласи дека областа изобилува со природни живеалишта, од кои некои се од европски интерес и се наведени во анекс еден од Директивата за живеалишта на ЕУ.
 -Природните живеалишта наведени во анекс еден  од Директивата за живеалишта на ЕУ, кои се наоѓаат во областа на прочување, ја вклучуваат самата Раечка река, нејзината крајречна шума, изворот на тврда вода и придружната водна вегетација, влажните пасишта, сувите пасишта и карпите и карпестите падини, вклучувајќи ги и пештерите. Живеалиштата се наведени во овој анекс од Директивата за живеалишта на ЕУ врз основа на  нивото на закана со кое се соочуваат. Кај изворите се среќава нив реликтниот вид на папрат, соопшти Паризов.
Тој се осврна и на тоа дека Дреновската клисура во долината на реката Раец, вклучува области кои се сметаат за критично живеалиште на египетскиот мршојадец, глобално загрозен вид.
 -Египетскиот мршојадец има статус на глобално загрозен вид според Меѓународната унија за заштита на природата и во исто време претставува строго заштитен вид според Бонската и Бернската меѓународна конвенција, како и во рамки на конвенцијата за регулирање на меѓународна трговија со загрозени видови. Во нашето законодавство се наоѓа на листата на видови под строга заштита. Согласно истражувањата на Македонското еколошко друштво, Република Северна Македонија останува една од последните држави на Балканот, каде може да се сретне оваа птица. Во минатото, нивното присуство било честа појава на овие територии, а денес се проценува дека нивната бројност на Балканот изнесува помалку од 90 пара. Бидејќи египетскиот мршојадец е филопатски вид и има силни конспецифични врски во шемите на миграција, територијата на Дреновската клисура и двете други неодамна напуштени територии, мора да се сметаат за значајни од гледна точка на зачувување, дециден беше претседателот на „Еко-живот".
Паризов проговори и за другите природни богатства со коишто располага оваа област.
-Карпестите живеалишта во Дреновската клисура и нејзината северна рамнина се сметаат за критично живеалиште за ендемичениот полжав Carinigera drenovoensis. Клисурата може да ја одржи целата популација на овие видови со ограничен опсег. Поради оваа причина, карпестите живеалишта на овој полжав се сметаат за критични. Карпите претставуваат живеалиште и на ретка реликтна хазмофитска вегетација, со растителни видови со ограничена распространетост. Пештерата Лилиарник е живеалиште на шест видови на лилјак, наведени во вториот и четвртиот анекс од Директивата за живеалишта на ЕУ. Пештерата се наоѓа на многу стрмна карпеста падина со јужна експозиција, а влезот се гледа од патот. Пештерата е долга околу 80 метри, со голема пештерска галерија на самиот крај. Целата пештера е сува, освен пештерската галерија, каде има влажна глина и пештерски гуано на дното. Пештерата Лилиарник редовно ја користат лилјаците како место за роење. Сезоната на парење обично започнува до крајот на октомври. Мажјаците од повеќето видови користат специјални повици за да ги привлечат женките. Во овој период, може да се сретнат голем број лилјаци, кои ројат. Досега е потврдено присуството на голема мешана колонија лилјаци од видот Голем ноќник и Долгокрилест лилјак, информираше Паризов. свд/сст/

Остани поврзан