• сабота, 28 декември 2024

Кампања за безбедно возење трактор и земјоделски машини

Кампања за безбедно возење трактор и земјоделски машини
Скопје, 9 септември 2022 (МИА) - Септември е месец кога поинтензивно се одвиваат земјоделски активности, што значи дека ќе се зголеми бројот на земјоделски машини кои ќе се вклучат во сообраќајот на патиштата. За таа цел Републичкиот совет за безбеднст на сообраќајот на патиштата (РСБСП) и МВР спроведуваат кампања „Безбедно возење на трактор и земјоделски машини“. Како што информира РСБСП, целта на кампањата е подигање на свеста за одговорно и рамноправно учество во сообраќајот на возачите на трактори и земјоделски машини, подигање на свеста за управување на технички исправни и регистрирани трактори и други работни машини и свест за нивна поголема видливост во сообраќајот. Меѓу целите се и исправност на светлосните сигнални уреди, како и подигање на свеста на возачите на трактори за почитување на правилата и прописите во сообраќајот, но и за подигање на свеста кај останатите возачи на моторни возила за поголема внимателност во сообраќајот и почитување од нивна страна на возачите на трактори и другите земјоделски машини како рамноправни учесници во сообраќајот. Кампањата ќе се реализира на територијата на целата држава. РСБСП и МВР ќе организираат повеќе јавни настани за директна комуникација со возачите на трактори и земјоделски машини, едукација и превентивно предупредување од страна на сообраќајната полиција на возачите на трактори ‒ за нивно безбедно и одговорно учество во сообраќајот и други активности. - Обрнете внимание на тракторите и земјоделските машини - и тие рамноправно учествуваат во сообраќајот, а на возачите кои управуваат со трактор и земјоделски машини им порачува: Возете технички исправни и означени трактори и други земјоделски машини, бидете видливи во сообраќајот и почитувајте ги правилата и прописите. Безбедноста на прво место!, апелира РСБСП до возачите. мд/нд/

Остани поврзан