• среда, 13 ноември 2024

Камерон: Сунак е силен и способен лидер , иако со него не се согласував во минатото

Камерон: Сунак е силен и способен лидер , иако со него не се согласував во минатото

Лондон, 13 ноември 2023 (МИА) - Премиерот Риши Сунак е „силен и способен лидер“, иако во минатото можеби не се согласував со некои негови индивидуални одлуки, изјави денеска новоименуваниот британски министер за надворешни работи Дејвид Камерон, додавајќи дека тој сака да биде дел од „најсилниот можен тим“ пред општите избори во велика Британија. 

„Иако во изминатите седум години бев надвор од политиката, се надевам дека моето искуство како лидер на Конзервативната партија 11 години и шест години како премиер ќе ми помогне да му бидам од корист на премиерот. Сакам да му помогнам да ја испорача безбедноста и просперитетот што и треба на нашата земја“, напиша Камерон на својот профил на мрежата X. 

Тој посочи дека дипломатските и разузнавачките служби се меѓу највредните „средства од ваков вид“ во светот. 

„Од времето на мојот мандат знам дека таму работат брилијантни, патриотски и вредни луѓе. Тие беа добро предводени од Џејмс Клеверли, со кого со нетрпение очекувам да работам во неговата нова улога“, изјави Камерон. 

Би-Би-Си пренесува дека Камерон бил „насмеан“ додека одел до Форин Офис, откако го напушти Даунинг стрит број 10 со новиот мандат в рака.

Зборувајќи за геополитичката ситуација со која се соочува како новоименуван министер, Камерон кажа дека ова е момент на длабоки глобални промени. 

„Се соочуваме со серија застрашувачки меѓународни предизвици, вклучувајќи ја војната во Украина и кризата на Блискиот Исток. Во ова време на длабоки глобални промени, за оваа земја ретко беше поважно да застане крај нашите сојузници, да ги зајакне нашите партнерства и да обезбеди дека нашите гласови се слушаат“, порача Камерон. 

Британскиот премиер Риши Сунак претходно денеска го назначи Камерон за нов министер за надворешни работи, како дел од реконструкцијата на владата. Поранешниот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли е назначен за министер за внатрешни работи, по разрешувањето на поранешната министерка Суела Браверман. Таа рече дека полицијата била „премногу мека“ кон „пропалестинската толпа“, нарекувајќи ги демонстрантите кои протестираа за поддршка на Палестина за време на викендот „маршеви на омраза“. 

Камерон беше премиер на Велика Британија од 2010 до 2016 година, а поднесе оставка по референдумот за Брегзит, кога граѓаните на Велика Британија гласаа за напуштање на ЕУ. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан