• сабота, 23 ноември 2024

Камерон во Германија на разговори за Украина и Газа

Камерон во Германија на разговори за Украина и Газа

Берлин, 7 март 2024 (МИА) - Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон ќе разговара за зголемување на поддршката за Украина и напорите за обезбедување поголема хуманитарна помош за Газа на денешната средба со неговата германска колешка Аналена Бербок во Берлин.

Двајцата ќе се сретнат само неколку дена откако руските медиуми објавија интернет разговор меѓу високи германски воени функционери, поврзан со Украина, во кој тие наведуваат детали за операциите на Велика Британија таму.

За време на вториот годишен стратешки дијалог меѓу Обединетото Кралство и Германија, се очекува двајцата министри за надворешни работи да разговараат за натамошната воена помош за Украина и начините за поголем притисок врз Русија.

Тие ќе разговараат и за напредокот кон прекин на огнот во Појасот Газа, помошта за палестинската енклава и спречувањето на илегалната миграција.

Камерон повика на „сила, издржливост и единство“ во изјавата пред разговорите со Бербок, но исто така веројатно ќе го покрене прашањето за протекување информации.

„Мораме да ја зајакнеме нашата одбрана, да застанеме блиску до нашите најверни пријатели како Германија и да бараме нови сојузници“, рече Камерон.

Германија соопшти дека Русија го публикувала објавениот разговор за да создаде јаз меѓу Берлин и неговите сојузници. Во него германските претставници го спомнуваат распоредувањето на британските војници во Украина и британските ракети „Сторм шадоу“. паг/

Фото: ЕПА

 

 

 

Остани поврзан