• сабота, 23 ноември 2024

Каменуван автобусот на „Чкембарите“ на излезот од Скопје

Каменуван автобусот на „Чкембарите“ на излезот од Скопје

Скопје, 19 мај 2024 (МИА) - По завршување на синоќешниот натпревар во финалето на кошаркарскиот плејоф меѓу МЗТ Скопје Аеродром и Пелистер на излезот од Скопје бил каменуван автобусот на битолските навивачи.

- Згрозени сме и го осудуваме инцидентот кој го доживеаја навивачите од Битола, од навивачката група „Чкембари“ кога по завршувањето на првиот натпревар од финалната серија од плеј-офот на кошаркарската лига во Скопје, на излезот од Скопје кон Битола, во возење е каменуван и демолиран автобусот со кој патуваше навивачката група „Чкембари“ од Скопје. Повредени се и неколку лица.

Се прашуваме зошто веќе по којзнае кој пат се случуваат вакви и слични инциденти, кога гостуваат битолските навивачи на натпревари во кошарка, ракомет и фудбал.

За разлика од тоа, кога навивачки групи гостуваат во Битола, посебно на кошаркарски натпревари, без разлика дали се во Куп или на првенствените натпревари, истите максимално се испочитувани и не се случуваат никакви инциденти, а камоли и некој физички напади или оштетувања на возила.

КК „Пелистер“ и спортската јавност во Битола се прашуваат зошто се случуваат инцидентите и со која цел, во време кога Битола е центар на спортот во државата. Оваа сезона во Битола се одиграа натпревари од ракометната Лига на шампиони во реновирана сала, се одржа кошаркарскиот куп, се одиграа четири натпревари од плеј-офот на кошаркарската сезона, фудбалерите се веќе прволигаши, ќе играат на комплетно реновиран стадион, одбојкарките се постојано дел од најдобрите екипи, боксерите од сите меѓународни турнири се враќаат со медали, најавена е изградба на нов спортски комплекс, се поставија рефлекторите на стадионот…Тука мора се споменат успесите и на младинските категории од клубовите од Битола. Дали некому пречи оваа спортската доминација на Битола и некој се плаши Битола да е центар на спортот, со прваци во ракомет и кошарка.

Дали некој се плаши и од верноста на навивачите, не само на „Чкембарите“ кон брендот Пелистер туку и од многубројната битолска публика? Ова се дел од прашањата на кои очекуваме одговор.

КК „Пелистер“ и овојпат им се заблагодарува на навивачката група „Чкембари“ што секојпат се на висина на својата задача, кога достинствено го бодрат својот тим и кога ги пречекуваат гостинските навивачки групи. „Чкембарите“ се носители на голем дел од успехот на КК „Пелистер„ како најважен „Шести играч“, стои во соопштението на битолскиот клуб.

Од КК Пелистер очекуваат Министерството за внатрешни работи да го расчисти инцидентот и напаѓачите да бидат објавени. зс/

Остани поврзан