Каменичкото комунално претпријатие и годинава ќе ги наградува редовните плаќачи на комунални услуги
- Каменичкото комунално претпријатие „Камена Река” продолжува со праксата за доделување на награди на редовните плаќачи на комуналната такса. И годинава во рамки на наградната игра, која претпр
Македонска Каменица, 7 февруари 2022 (МИА) - Каменичкото комунално претпријатие „Камена Река” продолжува со праксата за доделување на награди на редовните плаќачи на комуналната такса. И годинава во рамки на наградната игра, која претпријатието ја организира по тој повод, можност за учество ќе имаат корисниците кои ја имаат подмирено комуналната такса, заклучно со месец декември 2021 година.
-Подмирувањето на сметките за изминатата година треба да биде најдоцна до 31 јануари 2022 година. Фондот на награди и годинава е сличен како и во претходните години. Првата награда е телевизор, втората е микробранова печка, а третата награда е тримесечна комунална такса за услуги, истакнаа од претпријатието.
Директорот на претпријатието, Влатко Димитровски, додаде дека наградната игра има симболичен карактер и претставува еден вид мотивација за корисниците на услугите редовно да ги плаќаат сметките.
-Искуството од претходните години покажува дека со воведувањето на наградната игра наплатата постојано се зголемува. Во моментов изнесува околу 90 проценти, а очекуваме истата да достигне над 95 проценти, додава Димитровски.
Тој упати јавен повик до граѓаните на општина Македонска Каменица и сите корисници со подмирени сметки да присуствуваат на извлекувањето, кое ќе почне на 16-ти месецов, во 12 часот, во кругот на Јавното претпријатие.вс/бт/