• среда, 18 декември 2024

Камбовски и Шкариќ: Јакнење на институциите и на свеста за надминување на корупцијата и организираниот криминал во правосудниот систем

Камбовски и Шкариќ: Јакнење на институциите и на свеста за надминување на корупцијата и организираниот криминал во правосудниот систем
Охрид, 27 јуни 2022 (МИА) – Корупцијата и организираниот криминал кој е вгнезден во сите пори на општествениот живот се пречка за примената на законите во македонскиот правен систем. За излегување од тој круг треба да преовлада свеста. Партиите да го спуштат својот перископ и својот однос кон ова прашање под нивните веќе јасно воочливи во 30-те години, тесни партиски идеолошки интереси. Тоа го истакна академик Владо Камбовски пред почетокот на седмата сесија на Охридската школа на природното право „Одржување на демократско општество преку зајакнување на неговите институции“ што од денеска до 2 јули ќе се одржува во Охрид.   За да се оствари тоа, според него, треба самите партиите да се подредат на начелото на владение на правото, да бидат зафатени со еден општ и универзален процес – јуридизација на политичките партии. - Не е слободата на политичките партии неограничена како во дефинирањето на нивните програми и начин на делување. Тие се здруженија на граѓани, кои извираат од основното човеково право на изразување, слобода на мислата и политичко делување и здружување. Изворот е граѓанинот, а кај нас таа оптика е превртена. Граѓанинот го става во функција на поданик на определена партија и слеп послушник на налозите на партиските врхушки. Тој поданички менталитет е развиен со сите додатни околности на економски проблеми, невработеност и слично, забележа Камбовски. За реализирање на реформи кои ќе доведат силни институции, особено во судството и извршната власт, смета дека е потребно да се постават самостојно со голем интегритет во однос на другите власти и да дојде до една рамнотежа на власта. Повелбите на законот, нагласи, тешко стигаат до граѓаните. - Начелото на поделба на властите е нарушено доминира извршната власт, судската е во нејзина сенка, собраниската ја остварува својата функција со редица слабости. Законите наидуваат на бројни пречки пред да стигнат до граѓанинот во вид на некаков бенефит што тој ќе го почуствува. Клучно за тоа е политизацијата, односно партизацијата на сите институции во општеството. Заробената држава за која ние веќе зборуваме неколку години и не успеваме да излеземе од статусот „заробена држава“ или „хибриден режим“ или ниските оценки од меродавни институции, Европската унија и меѓународната заедница. Систем на кој една длабока рана на малигно ткиво му е владеењето на правото, подвлече Камбовски. Сличен став дели и професорот Светозар Шкариќ, посочувајќи дека институциите се битни, а не луѓето, кои се подложени на корупмирање од лични интереси. - Потребно е јакнење на институциите во македонското општество. Институциите се битни, а не луѓето. Луѓето се подложни на корумпирање на лични интереси, додека институциите делуваат објективно. Судството да се усовршува ако сакаме да одиме напред, бидејќи тоа е поврзано со правдата. Таму каде што има правда има и стабилност и институции и обратно, каде што владее личниот интерес институциите се неодржливи. Според тоа институциите како главно средство во развојот на демократијата и Макеоднија од тоа боледува, рече Шкариќ. Според него, институциите никако неможат да се стабилизираат заради тоа што малку внимание се посветува на заедничките интереси на методот при одлучувањето и владее еуфорија на лични интереси. - Тоа сега треба на некој начин да се оствари. Тоа е основна причина што корупцијата владее во Македонија. Преку јакнење на институциите корупцијата ќе го губи својот корен, а за тоа треба многу време. Нека се усовршува судството па светот дури и да пропадне, заклучи Шкариќ. Министерот за правда Никола Тупанчески, оцени дека Охридската школа по природно право e одлична можност да се видат квалитетите на студентите и истовремено да се продискутираат одредени промени. Во однос на функционирањето на институциите забележа дека селективната правда е најголемиот проблем во македонското општество. - Ние можеме да направиме закон совршен до перфекција, но главниот проблем е примената на законите. Селективната правда е најголемиот проблем во македонското општество. И покрај тоа што Република Северна Македонија влегува во државите што ги има потпишано сите меѓународни документи има квалитетни закони, но дефинитивно проблем е нивната примена, рече Тупанчевски. Според него, ќе мора да се одважиме еднаш како општество да подзастанеме малку да го корегираме она што претставува системска слабост, не имплементација на законите или нивна селективна примена. - Убеден сум дека во годините пред нас имаме вистинска шанса дека сме одлучни во однос на промената на климата и ефикасно судство или јавно обвинителство. Министерството за правда не е судија и не е јавен обвинител, единствено она што го прави е овозможување, создавање и креирање оптимални прилики за правораздавање. Верувам дека периодот што доаѓа не очекува ренесанса, ќе стигнеме до резултати кои ќе значат и специјална и генерална превенција во однос на сузбивањето на криминалот, корупцијата, организираниот криминал и останатите девијантни однесувања, рече ресорниот министер. На седмата сесија на Охридската школа на природното право „Одржување на демократско општество преку зајакнување на неговите институции“ учествуваат 20-тина студенти магистранти и докторанти по правни науки и 30 предавачи. Во наредните денови тие ќе дебатираат на теми за тековните реформи во областа на казненото право, донесување нов Кривичен законик и крупни измени во Законот за кривична постапка, реформата во судството, борбата против организираниот криминал и корупцијата и конфискацијата на криминалните приноси.... сс/дма/

Остани поврзан