• четврток, 26 декември 2024

Калевска-Ванчевска: СДСМ има стабилно мнозинство, да го обезбедеше Мицкоски немаше да бара предвремени избори

Калевска-Ванчевска: СДСМ има стабилно мнозинство, да го обезбедеше Мицкоски немаше да бара предвремени избори
Скопје, 4 ноември 2021 (МИА) - Не е првпат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да најавува дека прави ново мнозинство, но тоа не може да се случи се додека власта има стабилно мнозинство без оглед на резултатите на локалните избори, бидејќи не само СДСМ, туку и коалициските партнери потврдија дека парламентарното мнозинство е стабилно, изјави денеска пратеничката на СДСМ, Снежана Калевска-Ванчевска во гостувањето на „Утински брифинг“. - Ако Мицкоски веќе имаше обезбедено мнозинство во Парламентот, не би барал предвремени парламентарни избори. Штом премиерот најави оставка, со обезбедено мнозинство, согласно Уставот, претседателот ќе го додели мандатот на тој што има мнозинство, додаде Калевска-Ванчевска. Таа потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ нема мнозинство за да добие мандат за формирање влада, па затоа Мицковски бара брзи предвремени парламентарни избори. Калевска-Ванчевска додаде дека и во контакти со колеги од странски парламенти им бил пренесен ставот дека на државата не и требаат нови парламентарни избори, бидејќи ова беа само локални избори. Пратеничката на СДСМ, која е и претседател на собраниската Законодавно-правна комисија и член на Комисијата за правен систем, нагласи дека Собранието може и мора да функционира, а неговата работа беше прекината, бидејќи тоа е пракса за сите избори. - Овој пат беа локални, но сепак таа пракса ја применуваме за да не влијае работата на Собранието на самата кампања, додаде Калевска-Ванчевска. Таа посочи дека во Собранието сега ќе мора да ги верификува мандатите на новите пратеници кои ги пополнија местата на оние кои станаа градоначалници, како и дека утре ќе се одржи 51-та собраниска седница која беше закажана пред изборите, но не се одржа. - И во овој период стигнуваа законски решенија, па ќе има буџетска расправа, така што Собранието е веќе во функција. Независно на која партија или пратеничка група припаѓаме, во парламентарна демократија за која се определивме пред 30 години, мора да знаеме дека законодавниот дом има одговорност и немаме комоција да се однесуваме неодговорно, додаде Калевска-Ванчевска. сп/ац/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан