Калас: Сѐ потешко е да се дојде до договор за заемот за репарации, но работиме на тоа
- Заемот за репарации врз основа на замрзнатите руски средства, значи дека парите не доаѓаат од нашите даночни обврзници. Со тоа, исто така, се испраќа јасен сигнал дека ако направите штета на друга земја, мора да платите за тоа, додаде Калас.
Брисел, 15 декември 2025 (МИА) – Ова ќе биде недела на навистина интензивна дипломатска активност во однос на условите за финансирање на Украина, изјави денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас пред почетокот на заседанието на Совет за надворешни работи на Унијата во Брисел.
- На маса се различни опции, кои ќе бидат дискутирани и на состанокот на лидерите (на ЕУ) в четврток. Најверодостојната опција е заемот за репарации и работиме на тоа. Сè уште не сме стигнале до целта и е сè потешко, но работиме и имаме уште неколку дена, рече Калас.
Во однос на информациите дека покрај Белгија, уште неколку земји на ЕУ се противат на т.н. заем за репарации, Калас изјави дека за ова прашање има „различен притисок од различни страни“, но дека таа опција е многу поприфатлива во споредба со другите, како што е ново задолжување со издавање еврообврзници, за што е потребен консензус од сите членки на Унијата.
- Заемот за репарации врз основа на замрзнатите руски средства, значи дека парите не доаѓаат од нашите даночни обврзници. Со тоа, исто така, се испраќа јасен сигнал дека ако направите штета на друга земја, мора да платите за тоа, додаде Калас.
Според неа, и покрај одлуката за заемот да се решава со квалификувано мнозинство, важно ќе биде да се обезбеди согласност од Белгија за планот, затоа што на нејзина територија се наоѓаат најголем дел од замрзнатите руски средства.
- Ако останеме обединети, ќе бидеме многу посилни, па навистина сакам сите да бидеме со бистра глава, истакна Калас.
Таа додаде дека дополнително на состанокот ќе се разговара и за мерките против т.н. руска флота во сенка со цел Русија да се лиши од средства за финансирање на војната, како и за иницијативата „два милиона куршуми“, која е клучна за поддршка на напорите за Украина за сопствена одбрана.
Во однос на тековните мировни преговори за Украина, Калас рече дека ги поздравува напорите за ставање крај на војната, но дека тие треба да доведат до траен и одржлив мир, при што е исклучително важно агресијата да не биде наградена и да има одговорност за извршените злосторства.
- Мора да сфатиме дека Донбас не e крај на играта на Путин, ако му го дадеме, тогаш урнат е бастионот. Потоа тие дефинитивно можат да продолжат со преземање на цела Украина, а ако отиде Украина, тогаш и другите региони се во опасност. Тоа го знаеме од историјата и треба да учиме од неа, додаде Калас.
Во врска со украинското приклучување кон НАТО, Калас рече дека многу земји сакаат да бидат членки на Алијансата затоа што „не сакаат да ги нападне Русија“, но ако е доведено во прашање приклучувањето на Украина кон Пактот, тогаш треба да се види кои опипливи безбедносните гаранции и се нудат на земјата за да може да се одбрани, бидејќи не се доволни само документи или ветувања.
- Имаме еден агресор и еден жртва. Она на која и се потребни безбедносни гаранции е Украина, а не Русија. Во последните 100 години Русија нападна најмалку 19 земји, дури некои по три или четири пати, а ниту една од нив никогаш не ја нападнала Русија. Затоа на Русија не и се потребни никакви безбедносни гаранции, безбедносните гаранции им се потребни за сите други, рече Калас.
Во однос на Блискиот Исток, Калас најави дека на состанокот ќе се разговара за Сирија и за тоа што може да направи ЕУ за да ѝ помогне на земјата да се движи на вистинскиот пат.
- Во наш интерес е земјата да не тргне на погрешен пат, па ќе разговараме како можеме да ѝ помогнеме во однос на градењето институции, инклузивноста и сè останато, рече Калас.
На состанокот ќе се говори и за Либан, кој, како што рече Калас, се наоѓа во „многу тежок момент“, а попладне ќе се одржи и Советот за асоцијација ЕУ-Либан.
- Им помагаме на либанските Вооружени сили, но секако мора да се преземат чекори и за разоружување на Хезболах, што е сè потешко, па очекуваме интензивни дискусии, додаде Калас.
Таа информира и дека на работниот појадок пред почетокот на Советот ќе стане збор за начините како ЕУ може да и помогне на Ерменија во справување со злонамерното странско мешање во пресрет на изборите што треба да се одржат во земјата, додека за време на ручекот ќе се дискутира за Кина, поврзно со нејзиното влијание врз економската безбедност на ЕУ. сп/са/
Фото: МИА Архива