Казни во висина од 2,2 милиони евра за грчки компании поради лажни попусти
- Преку специјалната дигитална алатка за откривање лажни попусти што ја користат ревизорските служби на Министерството за развој на Грција, биле откриени 14 компании кои во изминатите седмици се обиделе со лажни попусти да ги доведат во заблуда потрошувачите, а за пет од нив се изречени казни од вкупно 2,2 милиони евра, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 29 ноември 2024 (МИА) – Преку специјалната дигитална алатка за откривање лажни попусти што ја користат ревизорските служби на Министерството за развој на Грција, биле откриени 14 компании кои во изминатите седмици се обиделе со лажни попусти да ги доведат во заблуда потрошувачите, а за пет од нив се изречени казни од вкупно 2,2 милиони евра, јави дописничката на МИА од Атина.
Од надлежното Министерство соопштија дека еден од нивните главни приоритети е „поддршката на здравото претприемништво, правилното функционирање на пазарот преку слободна конкуренција и заштита на потрошувачите“.
Дополнително, согласно предвиденото во соодветните закони, објавени се и имињата на конкретните фирми, во случај кога поединечната казна е над 50.000 евра.
Казните за јавно објавените пет компании се од 55.000 до 500.000 евра, а за останатите девет потребно е да заврши процесот на нивно известување, а потоа ќе бидат објавени нивните податоци.
Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека во пресрет на „Black Friday“ биле спроведени дополнителни проверки за заштита на потрошувачите. ср/сд/