• среда, 27 ноември 2024

Казна од 20.000 евра за сопственик на два папагали, бидејќи им ги пресекол крилата за да се сликаат со туристи на Халкидики

Казна од 20.000 евра за сопственик на два папагали, бидејќи им ги пресекол крилата за да се сликаат со туристи на Халкидики

Атина, 3 јули 2024 (МИА) – Два папагали од видот Макао со пресечени крила се наоѓале на плажа во Пефкохори на Халкидики со цел туристи да се сликаат со нив, а по спроведена акција, сопственикот бил казнет со 20.000 евра, а папагалите одземени, јави дописничката на МИА од Атина.

Веста ја објави на социјалните мрежи групата волонтери за спасување и заштита на животни „Animal Rescue and Defence Squad“, која посочи дека учествувале „во исклучително успешна операција заедно со грчката полиција од Касандра, шумската служба на Халкидики и општина Касандра“.

Објаснија дека по наредба на обвинител, „двата папагали Макао кои се користеа за профит на плажата на Пефкохори беа одземени“, паралелно била поднесена тужба за пасивна злоупотреба и била изречена соодветна административна казна во висина од 20.000 евра.

- Да се надеваме дека ќе помогнеме да се намали феноменот на користење на животни за профит, коментираа од невладината група. ср/

Фото: Animal Rescue and Defence Squad

Остани поврзан