• четврток, 12 февруари 2026

Казахстан ќе спроведе референдум на 15 март за нов устав

Казахстан ќе спроведе референдум на 15 март за нов устав

Астана, 11 февруари 2026 (МИА) - Претседателот на Казахстан, Касим-Џомарт Токаев потпиша указ за спроведување национален референдум на 15 март за нов устав, објави казахстанска новинска агенција.

Токаев се сретна со претседателката на Уставната комисија и претседателка на Уставниот суд Елвира Азимова, со заменик-претседателoт на Комисијата и државен советник Ерлан Карин, како и со членот на Комисијата и советник на претседателот за правни прашања Ержан Жиенбаев.

Во врска со планираните реформи на Уставот на земјата, политикологот и проректор на Евроазискиот национален универзитет „Гумилов“, Индира Ристина изјави дека државата официјално ќе го признае дигиталниот простор како составен дел од правниот систем.

Според неа, дигитализацијата би обезбедила исти гаранции и заштита што постојат во реалниот живот. Ристина нагласи дека давањето уставен статус на процедуралните гаранции обезбедува значително повисоко ниво на заштита. Тоа ги прави задолжителни за сите државни органи и ја исклучува можноста за произволно толкување. Според неа, доколку дадена норма се воведе во Уставот, секој закон или практика што е во спротивност со неа ќе биде прогласен за неуставен и ќе биде укинат. рп/ми/

Фото: Википедија

Остани поврзан