• сабота, 23 ноември 2024

Казахстан ја отфрли идејата за Унија, темелена на моделот меѓу Русија и Белорусија

Казахстан ја отфрли идејата за Унија, темелена на моделот меѓу Русија и Белорусија

Астана, 26 мај 2023 (МИА) - Казахстан денеска ја отфрли можноста за приклучување кон потесна унија слична на моделот меѓу Белорусија и Русија. 

Француските медиуми пренесуваат дека Москва се обидува да го задржи своето влијание врз своите сојузници во Централна Азија.

„Казахстан нема намера да создаде или да се приклучи на некоја унија на држави“, како широката и зголемена интеграција меѓу Москва и Минск од почетокот на војната во Украина, напиша портпаролот на претседателот Касам-Жомарт Токаев на својата страница на Фејсбук.

Токаев неделава ја истакна разликата во „степенот на интеграција“ меѓу Русија и Белорусија во споредба со другите поранешни советски републики сојузници на Москва, вклучувајќи го Казахстан. Шефот на државата дури повика за овој проблем да се „разговара“ во присуство на неговиот руски колега Владимир Путин и белорускиот претседател Александар Лукашенко.

„Формулата „две земји - една држава“ (меѓу Русија и Белорусија, забелешка АФП) создава уникатен преседан, со единствен политички, правен, воен, економски, валутен, културен и хуманитарен простор“, истакна Токаев на регионалниот самит во Москва, обединување на поранешните советски републики.

„Дури и нуклеарното оружје сега се споделува“, додаде тој, бидејќи Белорусија објави дека почнува да добива руско нуклеарно оружје.

Процесот на интеграција меѓу Русија и Белорусија почна во 1999 година, по што беше одложен долго време. Но, растечката изолација на автократот Лукашенко конечно го турна во прегратките на Москва, особено по демонстрациите во Белорусија во 2020 година, забележуваат француските медиуми. 

Казахстан останува близок сојузник на Русија, со која учествува во различни воени и економски сојузи, но огромната централноазиска земја го привлекува и вниманието на Кина, Западот и Турција. сд/

Остани поврзан