• сабота, 23 ноември 2024

Кавадарчанката Милица меѓу првите кои примија вакцина против коронавирус во САД

Кавадарчанката Милица меѓу првите кои примија вакцина против коронавирус во САД
Кавадарци, 13 јануари 2021 (МИА) - Кавадарчанката Милица Глигоров е  меѓу првите кои примија вакцина против коронавирус во САД. За МИА појасни дека работи како менаџер во голема болница, а здравствените  работници имале приоритет при вакцинирањето. - Воопшто не се плашев да се вакцинирам, бидејќи им верувам на науката и стручните кадри. Направив проучување на позитивните и негативните работи од примањето на вакцина и одлучив дека сепак најдобро е да се вакцинирам. Негативните ефекти од американската вакцина на „Модерна“ се минимални. Самиот чин на вакцинирање беше безболен. Многу луѓе во САД едвај чекаат вакцинирањето да им биде достапно. Особено млади и едуцирани. Од искуство можам да кажам дека вирусот постои и на дневна основа досега имавме пациенти кои не успеваа да се изборат со него, раскажа младата кавадарчанка која со своето семејство живее и работи во САД. Нејзината препорака е сите луѓе да се чуваат, да ги слушаат препораките на експертите и своите матични лекари. Да не се информираат од погрешни и непроверени извори. И добро да размислат, кога носат одлуки за сопственото здравје. Втората доза ќе ја прими на 10 февруари. - И понатаму остануваат препораките за превентива со заштитни маски и одржување дистанца. Но со вакцинирањето се чувствувам позитивно зашто верувам дека нема да се заразам со вирусот. Затоа што сепак никој не знае како би поминал доколку е позитивен на Ковид-19. Мислам дека со вакцината е испишана историја против оваа најнова пандемија, децидна е таа. свд/aa/

Остани поврзан