• четврток, 26 декември 2024

Кавадарци со препораки против аерозагадувањето во градот

Кавадарци со препораки против аерозагадувањето во градот

Кавадарци, 16 јануари 2024 (МИА) - Општина Кавадарци денеска излезе со препораки до граѓаните, против аерозагадувањето во градот. Да се користи јавниот превоз, возила да не се користат без поголема потреба, повеќе лица да се возат со едно возило во исто време, да не се користат за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и каков било синтетички материјал, правилно да се користат печките за дрва.

- Препораките се согласно известувањето од Одделението за мониторинг на квалитет на воздух, сектор македонски информативен центар за животна средина при Министерство за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија и согласно уредбата за изменување и дополнување на уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели, во која е дефиниран прагот на информирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри g/m3(надминување на вредноста од 100  во текот на два последователни денови) и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, соопштија од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев.

Оттаму потсетија и на препораките што во вакoв случај, ги даваат Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје. Ограничени движења и активности на отворен простор на најранливата популација, деца, стари лица, болни од хронични болести на белодробниот и срцевиот садовен систем, со посебен ризик за болните од бeлодробна астма, но и за лицата кои својот професионален ангажман го обавуваат на отворен простор во загадените зони на градот. свд/бд/

Фото: МИА архива, Принтскрин / Фејсбук на градоначалникот Митко Јанчев

Остани поврзан