• недела, 01 септември 2024

Кавадарци одбележа 78 години од загинувањето на народните херои Киро Крстев и Димче Мирчев 

Кавадарци одбележа 78 години од загинувањето на народните херои Киро Крстев и Димче Мирчев 
Кавадарци, 7 април 2022 (МИА) - Кавадарци денеска одбележа 78 години од загинувањето на народните херои Киро Крстев и Димче Мирчев. Пред споменикот подигнат во нивна чест, цвеќе положија повеќе претставници на општествениот живот. Натка Китева, кустос-историчар во кавадаречката Музеј галерија, потсети дека Киро Крстев бил роден во Кавадарци во 1923 година,  во сиромашно занаетчиско семејство. Со неполни 17 години се вклучил во редовите на напредното младинско и револуционерно движење. Во 1940 година бил уапсен од полицијата на Кралството СХС, за да се откаже од своите идеи и револуционерната дејност. Пролетта 1941 година бил примен за член на Комунистичката партија во Кавадарци. Налбатскиот занает и работилницата на неговиот татко, му овозможиле да контактира и да одржува врски со селата во Тиквешијата. На 28 септември 1941 година Киро бил еден од 25  младинци, кои во месноста „Раштани“, го формирале првиот партизански одред и положиле партизанска заклетва. Во почетокот на мај 1943 година бил еден од првите борци на тиквешкиот партизански одред „Добри Даскалов“. -Кон крајот на март и почетокот на април 1944 година, Димче Мирчев и Киро Крстев како искусни борци и партиски раководители, добиле задача во Кавадарци да се интензивираат активностите за организирање на поголема група на младинци, во редовите на партизанското движење. На 4 април вечерта Крстев и Мирчев биле сместени во куќата на Иге Златев, а на 5 април, била добиена директива партизаните да излезат, сподели Китева. Вечерта на 6 спроти 7 април, голема непријателска војска ја опколила куќата во која биле сместени двајцата партиски активисти. Во раните утрински часови во обидот да го пробијат непријателскиот обрач, загинале борците Киро Крстев и Димче Мирчев. Мирчев за народен херој бил прогласен на втори август 1949 година, а Крстев, на 20 декември 1951 година.свд/вј/  

Остани поврзан