• среда, 25 декември 2024

Кабинет на Џафери: Роковникот на активности во Собранието останува непроменет

Кабинет на Џафери: Роковникот на активности во Собранието останува непроменет

Скопје, 22 јануари 2024 (МИА) - Роковникот во однос на активности во Собранието што беше претходно споделен останува непроменет, соопштија од Кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери по денешната координација без да соопштат детали за тоа како ќе се одвиваат подготвките за формирање на техничката Влада. 

Според најавите по првата координација на 9 јануари, подготовките за техничката Влада треба да почнат денеска и да завршат со гласање во недела на 28 јануари. На координациите со Џафери редовно не присуствуваат претставници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а сега и претставниците на албанската опозиција, која го бојкотира Собранието поради тоа што не е прифатен нивниот кандидат за член на Државната изборна комисија.

-Во периодот од 22 до 28 јануари на пленарна седници ќе се реализираат следниве процедури: констатирање на оставка на претседател на Влада и претседател на Собрание, избор на нов претседател на Собрание, информирање на претседателот на државата за доделување на мандат на нов претседател на Влада, избор на Влада, министри, заменици министри и дополнителни заменици министри, како и констатирање на престанок на мандат на пратеник и верификација на мандат на нов пратеник во Изборна единица 5. За сите активности и прецизни рокови ќе информираме навремено, посочија тогаш од Собранието.  

Според информации од владејачкото мнозинство, оставките на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на Собранието Џафери би требало да се случат во деновите пред новата седница на Собранието закажана за петок, 26 јануари, кога би биле констатирани оставките и избран новиот претседател на Собранието Јован Митрески, актуелен координатор на пратеничката група на СДСМ. Изборот на техничката Влада треба да биде во недела на 28 јануари.   

Собраниски извори брифираат дека последните изјави на премиерот Димитар Ковачевски и ДУИ и најавите од ВМРО-ДПМНЕ може да го променат текот на предвидените формално правни активности врзани со техничката влада. Во денешната куса информација по координацијата, од Кабинетот на претседателот на Собранието се наведува и дека во однос на изјавите од политичките партии, Џафери не коментира партиски изјави. 

Премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски утре и задутре прв пат откако е на функција ќе оствари официјална посета на седиштата на ЕУ и НАТО во Брисел.

Премиерот Ковачевски по најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да гласаат за техничкиот премиер, викендот изјави дека местата кои со закон и следуваат на опозицијата во техничката влада треба да останат празни се додека ВМРО-ДПМНЕ не даде глас за таа влада. 

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, информираа дека остануваат на ставот да не гласаат за техничкиот премиер. Имињата на министрите и замениците министри ќе ги објават оваа недела. 

И од Демократската унија за интеграција, според најавите, нема да ги поддржат предлозите за министри во техничката влада кои доаѓаат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Вчера и Либерално-демократската партија излезе со сличен став.

Техничката влада нема да биде поддржана и од Демократскиот сојуз според кој парламентарното мнозинство треба да си обезбеди 61 пратеник и да ја изгласа техничката влада. 

Техничката Влада се формира 100 дена пред одржување на парламентарните избори, што треба да се одржат на 8 мај. Претходно, на 24 април ќе се одржат претседателските избори. Мандатот на оваа Влада завршува со изборот на нова Влада. ев/лв/

ФОТО: МИА Архива 

 

Остани поврзан