• вторник, 19 ноември 2024

Кабинет на вицепремиерот Николовски: Борбата против шверцот со тутун ја започна токму оваа Влада

Кабинет на вицепремиерот Николовски: Борбата против шверцот со тутун ја започна токму оваа Влада
Скопје, 30 март 2021 (МИА) - Кабинетот на вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, вечерва соопшти дека најостро реагира на лажните написи на интернет порталот „Лидер“ со наслов “ПОЛИТИКА, ПАРИ, ШВЕРЦ: Зелената куќа во Крива Паланка од која се раководи шверцот на тутун” со кои пропагандни структури се обидуваат да ја компромитираат и да ја попречат борбата против корупцијата. - Вицепремиерот Николовски демантира било каква поврзаност со наведените субјекти и чинители и ги повикува сите граѓани, сите медиуми и сите со каква било информација за нерегуларности во извозот на тутун веднаш да пријават се што имаат до знаење до полицијата и до царината, се наведува во демантот. Во соопштението на Кабинетот на Николовски се посочува дека спротивно на манипулациите на „Лидер“, во февруари 2021 година, Царинската управа спроведе акции за заплена на нелегален тутун и целосно разоткрила потенцијален шверц со тутун, за што е поднесена и соодветна кривична пријава. - Тоа се случи уште на почетокот на месец февруари, пред овој случај да биде објавен од ВМРО-ДПМНЕ и од порталот којшто денес се повикува на лажни тврдења од опозициски партии. Да сумираме, неселективно и одлучно, институциите излегоа и констатираа наоди, со соодветни кривични пријави. Не е само овој случај и не е само оваа акција, запленети се 146.278 килограми тутун, внесен во државата како необработен и пуштен незаконски во промет. Поднесени се кривични пријави по основ на неплатена акциза од близу 5 милиони евра, се истакнува во соопштението. Воедно од Кабиентот на вицепремиерот Николовски посочуваат дека Владата сериозно се занимава со спречување корупција и шверц и токму поради тоа „ги повикува лицето Љупчо Златев и порталот „Лидер“, веднаш да ги пријават сите информации кои докажуваат или укажуваат на каков било евентуален шверц со тутун“. - Златев и „Лидер“ најпрво имаат обврска да го објават овој демант и да се извинат на вицепремиерот Николовски, за дезинформирањето со кое имаа намера јавноста да ја доведат во заблуда за лажна и непостоечка врска на Николовски со наводен шверц на тутун. Во спротивно, за изнесените клевети и лаги, ќе следат соодветни судски тужби, се додава во реакцијата. сп/

Остани поврзан